Почна замената на покривот на Клиничката болница во Штип — ортопедите и хирурзите ќе ја делат операционата сала
Работите почнаа кај новиот Ургентен центар, а додека трае санацијата ортопедите и хирурзите ќе го делат операциониот простор.

По два месеца од силното невреме во штипскиот регион започна реконструкцијата на покривот на Клиничката болница во Штип. Орканскиот ветер со брзина од 134 километри на час во јули го однесе лимот од покривот; градежните работници веќе го отстранија оштетениот кров, а во првата фаза се работи на делот покрај новиот Ургентен центар.
Дел од одделенијата работат со ограничен капацитет
„Како што можете да видите целосно е отстранета и за неколку дена треба да ја постават новата конструкција. Тоа е прва фаза, што се однесува до втората таа ќе биде на главната зграда, целиот кров треба да се смени“, вели Владко Захариев, директор на Клиничка болница-Штип.
Поради оштетената кровна конструкција одредени одделенија работат со редуциран обем на интервенции. Операционата сала за ортопедија сè уште не е функционална и за тоа се прават привремени решенија додека трае санацијата.
„Редукција имаме на одделението за ортопедија, каде што ортопедската сала е вон функција, но е направена една модификација, со која ќе може да ги обслужиме пациентите. Ортопедите работат во хируршката сала и тоа во одредени термини. Еден еден работат хирурзите, еден ден ортопедите, за да нема поголем застој во програмот и во итната патологија“, рече Захариев.
Силното невреме во јули предизвика и протекување на таванот во одделението за ортопедија, по што беше утврдено дека е итно да се замени целиот покрив. По завршувањето на првата фаза кај Ургентниот центар, работите ќе продолжат на главната болничка зграда.
Фото: прес-материјал од настанот


