Почетна
Македонија

Почнува новата учебна година за 238 илјади основци и средношколци

174 илјади основци и 64 илјади средношколци почнуваат, МОН најавува доградби и намалување на паралелки.

·Македонија
Почнува новата учебна година за 238 илјади основци и средношколци

Од денеска почнува новата учебна година за вкупно 238 илјади ученици. Во училишните клупи ќе седнат 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, соопшти Министерството за образование и наука.

Според календарот, учебната година ќе трае до 10 јуни в година, освен за матурантите кои ќе завршат на 17 мај. Зимскиот распуст помеѓу двете полугодија е планиран од 31 декември до 21 јануари.

Едносменско, доградби и следните чекори

Оваа учебна година во 620 од вкупно 1 023 училишни објекти ќе се реализира едносменска настава. Поради недостаток на просторни капацитети во некои поголеми градови, МОН спроведува проекти за доградба на училници. Во тек се доградби во 14 училишта во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, како и во Илинден и Градско, а уште 15 проекти ќе почнат етапно во наредните месеци.

Министерката Весна Јаневска вчера информираше дека годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 помалку во основното образование и 211 во средното, поради припојување и реорганизирање на паралелки со мал број запишани ученици. Заради отсуство на запишани ученици, од септември привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта, а вкупно 148 училишни објекти во државата остануваат празни, главно во руралните средини.

За работа со деца со посебни образовни потреби, од МОН велат дека оваа година се ангажирани најголем број асистенти досега – 1 358 во основно и 166 во средно образование. Учениците на подолго болничко или домашно лекување ќе можат да се вклучат онлајн во наставата во класот или наставникот индивидуално да работи со нив, можност воведена со закон минатата година.

Министерката изјави и дека учебниците се навремено набавени во тиражот што го побарале училиштата и дека веќе се дистрибуирани до училиштата, така што од денеска можат да им бидат поделени на учениците.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи