Почетна
Македонија

Под лупа влезот на српската „Ало“ во Македонија: можно запирање на преземањето на „Наша ТВ“ и Радио РФМ

Управата за финансиска полиција отвори предмет; АВМУ ја стопирала постапката за промена на сопственост, но медиумите не се именувани официјално.

·Македонија
Под лупа влезот на српската „Ало“ во Македонија: можно запирање на преземањето на „Наша ТВ“ и Радио РФМ

Неофицијални информации велат дека „Наша ТВ“ и Радио РФМ можеби се медиумите за кои АВМУ ја запрела постапката за промена на сопственичката структура, но официјална потврда од АВМУ или од Управата за финансиска полиција дека запирањето се однесува токму на овие два медиуми сѐ уште нема.

Управата за финансиска полиција потврди дека отворила предмет и ја проверува индицијата за можно влегување на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор. Од таму официјално не ги именуваа телевизијата и радиото под проверка, но соопштија дека АВМУ, по постапувањето на институциите, ја запрела процедурата за промена на сопственоста.

Пријави до Комисијата за заштита на конкуренцијата

Во Комисијата за заштита на конкуренцијата се водат пријави за концентрации со кои „Ало Медиа Систем ДООЕЛ Скопје“ треба да стекне контрола врз „Наша ТВ“ и Радио РФМ. Достапните податоци покажуваат дека за реализација на преземањето била формирана македонска фирма.

Сопственикот на „Наша ТВ“ и РФМ, Ристо Гоговски, потврдил дека со заинтересираниот купувач е потпишано писмо за намери, но дека договорот сè уште не е финализиран. Тој посочил дека процесот зависи од одлуките на АВМУ и на Комисијата за заштита на конкуренцијата, по што евентуалната трансакција би можела да продолжи; вредноста на можната продажба не беше објавена поради договорена доверливост меѓу страните.

Зад најавената купопродажба стои српската групација „Ало Медиа Систем“, најпозната по дневниот весник „Ало“ и соодветниот портал. Нeјзин доминантен сопственик е Саша Благојевиќ, бизнисмен кој во последните години значително го проширил присуството во медиумскиот сектор во регионот. Во неговото портфолио влегува белградското „Студио Б“; „Ало Медиа Систем“ е мнозински сопственик со 90 отсто од „Бест Медиа Тим“, додека останатите 10 отсто ги поседува „Инсајдер Тим“, издавач на „Информер“. Групацијата има присуство и во Црна Гора преку интернет-портали, а во Србија во изминатиот период презела повеќе локални телевизии, меѓу кои ТВ Прибој, ТВ Лав Плус и Ниш ТВ.

Прашањето за влез на српски медиумски капитал во Македонија се отвори повторно откако петте национални телевизии, здружени во Македонската медиумска асоцијација, и јавниот сервис МРТ обвинија дека дел од српските телевизиски сервиси ги заобиколуваат македонските прописи. Тие конкретно го посочија каналите „Арена M1“, „Арена M2“ и „Арена M3 премиум“, тврдејќи дека програмата фактички се произведува во Македонија, додека АВМУ ги третира како странски програмски сервиси. АВМУ ги отфрли како неточни и неосновани тие наводи. Во меѓувреме, СДСМ побара институционална проверка на, како што го опиша, „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“, а Управата за финансиска полиција соопшти дека ги проверува сите информации и индиции изнесени во јавноста.

Засега нема официјална потврда од АВМУ или од Управата за финансиска полиција дека запрената постапка се однесува токму на „Наша ТВ“ и на Радио РФМ.

Фото: freerangestock.com / илустрација

Поврзани написи