Почетна
Спорт

Подмладениот женски сениорски тим ги одработи првите тренинзи во Скопје

Селекцијата тренира во салата „Лазар Лечиќ“ и ќе отпатува за Букурешт, каде ќе се финализира списокот за дуелите против Романија и Естонија.

·Спорт
Подмладениот женски сениорски тим ги одработи првите тренинзи во Скопје

Женската сениорска репрезентација на Северна Македонија, во исклучително подмладен состав, ги одработи првите тренинг-сесии во Скопје во пресрет на претквалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2029.

Селекторот Виктор Петровски и асистентот Оливер Стојмановиќ ги одржаа тренинзите во салата „Лазар Лечиќ“, со група од 12 кошаркарки: Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Марија Митева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Глорија Груевска, Ива Колева и Вања Милосављевиќ.

Екипата утре наутро ќе отпатува за Букурешт, каде директно ќе им се приклучат интернационалките Цветанка Димова (Грција) и Теа Митрева (Италија).

„ На овие први тренинзи сметаме на кошаркарките кои се во Скопје. Сите ќе патуваат за Романија, а по неколкуте тренинзи кои ќе ги реализираме во Букурешт, ќе го одредиме дефинитивниот список од 12 кошаркарки кои ќе настапат против домашната селекција. Во Букурешт ќе ги чекаме Димова и Митрева, кои со своето искуство треба да му помогнат на овој исклучително млад состав во првата фаза од претквалификациите“, истакнува селекторот Петровски.

Распоред во ноемврискиот ФИБА-прозорец

Во ноемврискиот ФИБА-прозорец македонската репрезентација ќе одигра два натпревари во рамките на групата „Ц“. Првиот натпревар е закажан на 11 ноември во Букурешт против селекцијата на Романија во салата „Поливалента Рапид“ со почеток од 18:00 по локално време (17:00 по македонско време).

Три дена подоцна, на 14 ноември (сабота), следи домашниот дуел во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, кој започнува во 18:00, кога Македонија ќе ја пречека селекцијата на Естонија.

Стручниот штаб нагласува дека во наредните денови приоритет е подготовката во Букурешт, финализирањето на конечниот список и искористувањето на искуството на интернационалките за стабилизирање на младата екипа во првата фаза од претквалификациите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи