Почетна
Македонија

Поголема акција против детското питачење во Охрид и Струга

Министерствата, полицијата и невладина организација известуваат за организирана шема и повлекување на стотици деца од улиците.

·Македонија
Поголема акција против детското питачење во Охрид и Струга

Зголемена акција за спречување на детското питачење и заштита на децата кои се користат за таа цел се спроведува низ неколку општини во земјава, а меѓу најкритичните подрачја се издвојуваат Охрид и Струга. Во активностите се вклучени Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и локалните полициски единици, како и невладини организации кои со години ја следат појавата.

Процедури, отстранувања и кривични пријави

Илија Јовановиќ од невладината организација „Градиме иднина“ вели дека биле известени полициските станици во најзагрозените општини и дека СВР Охрид веќе постапува по проектот за питачите. „Ги известивме сите полициски станици, особено во Охрид, Струга, Кичево и Дојран, каде што состојбата беше најкритична. СВР Охрид веќе постапува по проектот за питачите. Сега се спроведува поголема акција. Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи дејствуваат низ целата држава, од град во град, за да го решат проблемот со питачењето“, вели Јовановиќ.

Според него, во Охрид во моментов има меѓу 20 и 30 питачи, меѓу кои и многу мали деца. „Има новороденчиња, деца од три до 15 години, а има и девојчиња кои, според нашите сознанија, се злоупотребуваат и за сексуални услуги. Имаме сознанија дека за таа цел се изнајмувале и апартмани“, вели Јовановиќ.

Невладината организација тврди дека не станува збор само за локални семејства туку за организирана шема која ги пренесува децата од други градови во Охрид. Наведени се градови од кои, според организациијата, децата се носат: Тетово, Гостивар, Струга, Битола, Ресен, Прилеп, Велес, Кичево и Дебар. Проектот што ја следи појавата се спроведува пет години и досега, како што информираат, околу 700 деца биле изземени од улиците и раскрсниците.

Истражувањата покажуваат дека децата поминуваат и по осум часа на улица, а заработката од питачењето може да достигне неколку илјади денари дневно. „Работното време им е осум часа. Едно дете од питачење заработува од 3.000 до 5.000 денари. За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари. Ова го покажува истражувањето. На крајот добиваат и ќотек, а останатите, поголеми суми завршуваат кај нивните шефови и организатори“, тврди Јовановиќ.

Кога дете ќе се затекне на улица, се преземаат стандардирани мерки за негова заштита: веднаш се носи на здравствен преглед, се задржува шест часа во полициска станица за утврдување на идентитетот и земање податоци, а потоа постапуваат инспекторите за малолетници и службите за социјална заштита. Од „Градиме иднина“ велат дека полицијата поднесува кривични пријави кога ќе се утврди злоупотреба и дека кон родителите се преземаат мерки – опомени и, по повеќекратни прекршувања, постапки за одземање на родителско право. „Полицијата веќе е запознаена со тоа и се поднесуваат кривични пријави. Некои родители се опоменати дека детето не смее да биде пуштено на улица. По втората или третата опомена, веќе се бара одземање на родителското право“, вели Јовановиќ.

Јовановиќ укажува и на проблемот со долгите судски постапки и повикува на измени во законодавството за да се забрзаат мерките. „Судската постапка е многу тешка. Баравме да се дополнат и изменат одредбите во Кривичниот законик. Бараме во рок од еден час да може да се преземе мерка за одземање на родителското право. Тоа е долг процес, но се надевам дека со залагањето на сегашниот министер ќе се сменат повеќе закони“, вели тој.

Невладината апелира до граѓаните да пријавуваат секој случај во полиција и нагласува дека долгорочно решение е отворање дневни центри, вклучување на децата во образовниот систем и поинтензивна соработка меѓу полицијата, социјалните служби, локалните самоуправи и институциите за образование.

Автор: С. Вренцовска

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи