Почетна
Македонија

Поинаку постави бели столчиња пред Општина Битола — „Битола чека…“

Иницијативата „Поинаку“ постави столчиња со називи на долгорочно ветени проекти пред советничката седница за развојната програма 2027–2029.

·Македонија
Поинаку постави бели столчиња пред Општина Битола — „Битола чека…“

Независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ утринва организираше герила акција пред зградата на Општина Битола, поставувајќи бели столчиња на кои прикачија хартија со називи на проекти за кои тврдат дека долго се ветуваат, но сè уште не се реализирани. Акцијата се случи во 7:00 часот пред денешната (13 ноември 2026) седница на Советот на Општина Битола на која се разгледува развојната програма за периодот 2027–2029 година.

Активистите тврдат дека проектите постојано се одолговлекуваат

На бели столчиња беа залепени називи на ветени проекти: затворен базен, спортски комплекс, „Град на млади“, водовод во Бистрица, градинки, нови булевари, ново училиште во Буковски Ливади, нова Пожарна и катни гаражи, додека над нив висеше транспарент „Битола чека…“.

„Ова се ветувања кои Битола ги чека 35 години. Битола 35 години чека подобар живот. Ѝ се ветуваат затворен базен, нов спортски комплекс, нормални улици, чист воздух, зелена Битола. Во 21 век немаме функционален јавен превоз, немаме катни гаражи, улици без дупки, градинки, нови училишта. Битола е лажена 35 години. Ова го правиме во пресрет на седницата на која се носи развојната програма, која буквално е тури-претури. Секоја година проектите се поттурнуваат за следната. Капитален проект немаме видено со години. На ваков начин реагираме затоа што во моментов власта има апсолутно мнозинство на локално и централно ниво и ги игнорира барањата на граѓаните. Тоа се покажа и со неповикувањето вонредна седница за најгорливото прашање за битолчани ‘Алта банка‘“, изјави Габриела Илиевска од „Поинаку“.

Активистите додаваат дека на крајот од герила‑акцијата забележале како пристигнуваат припадници на Министерството за внатрешни работи. „Дали беа повикани од некого или самостојно излегоа на терен, не знаеме“, велат од „Поинаку“.

Од Општина Битола одговорија дека резултатите не се постигнуваат со поставување столчиња, туку со континуирана работа, и посочија на реализираните и тековните проекти како доказ дека градот се гради. „Додека столчињата се поставуваат за неколку минути и се наменети за седење, градот се гради со секојдневна работа токму на проектите чии називи утрово осамнаа залепени на белите столчиња, но на нив недостасуваше статусот на проектите. За јавноста да биде во тек со информациите и вистината, Општина Битола неодамна објави отчет за сработеното во изминатата година“, појаснија од општината.

Во соопштението општината наведува дека градинката „Пчеличка“ веќе згрижува деца, завршена е изградбата на градинката кај ОУ „Св. Климент Охридски“, а интензивно се работи на објектот кај касарната. Реконструкцијата на училиштето во Буковски Ливади е во тек, додека со развојната програма е предвидена реконструкција на градинката „Росица“ и реконструкција на ОУ „Даме Груев“. Новата Пожарна е во изградба. На влезот во градот од правец на Прилеп се изведуваат градежни работи, вклучувајќи подземна инфраструктура, коловози, тротоари и велосипедски патеки, а инфраструктурни зафати се реализирани и на влезот од Охрид, кај улицата Довлеџик.

Во делот на спортската инфраструктура, општината наведува дека се изградени нови спортски игралишта и дека се работи на четири нови училишни спортски сали. Деталниот урбанистички план за спортскиот комплекс е доставен до Министерството за транспорт за одобрување, додека паралелно се изработува урбанистички проект. За катните гаражи е во тек усогласување на урбанистичката документација, а активностите за затворениот базен, според општината, се финализирани. Општината исто така посочува дека Битола го добила признанието „Младински пријателски град“ и предупредува дека прикажувањето активни градилишта како заборавени ветувања создава погрешна слика за градот.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи