Полицијата поднесе нова кривична пријава за Стевче Јакимовски
Пријавата тврди дека биле потпишани договори и издадени одобренија поврзани со укинат ДУП; предметот е пред скопското обвинителство.

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, доби нова кривична пријава поднесена од полицијата со која се товари за несовесно работење во службата, откако, како што стои во пријавата, потпишал документација за наплата на комуналии за објект за кој бил укинат ДУП.
За случајот како првоосомничени се наведени шефицата на Секторот за урбанизам во општината и уште една службеничка од истиот сектор, а, според пријавата, третопријавениот потпишал договори со инвеститорите. „Третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење“, велат од МВР.
Што ја оптоварува пријавата
Полицијата во пријавата навела дека предметниот објект имал вредност од околу 215 илјади евра. Дополнително, општината дозволила изградба на натстрешница која била утврдена како дивоградба и требало да биде срушена. Одобренијата за градба, како што посочува МВР, се издадени според ДУП кој во 20218-та бил укинат од Уставниот суд.
Последниот документ од страна на службеничките бил потпишан четири дни пред вториот круг на ланските локални избори, кога Јакимовски изгуби од Сотир Лукровски. Пријавата е доставена до скопското обвинителство за понатамошна постапка.
Поднесувањето на пријавата следува само неколку дена по одлуката на Врховниот суд да ги укине пресудите со казна од една година затвор за Јакимовски. Тој во моментот ја издржува казната, но е на болничко лекување; Врховниот суд сѐ уште не ги известил пониските судови, поради што Јакимовски и другите чии пресуди беа укинати сѐ уште се во притвор без правосилна пресуда.
Фото: прес-материјал од настанот


