Половина од онлајн купувачите во Северна Македонија плаќаат исклучиво во готовина при достава
Анализата покажува голем јаз меѓу сопственост на сметки и картички и реалната употреба на дигитални плаќања.

Анализата „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е‑трговијата во Северна Македонија, 2026", спроведена од Асоцијацијата за е‑трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) со поддршка на Visa и презентирана на деветтата Регионална конференција за е‑трговија во Скопје, открива значителен јаз меѓу пристапот до платежни инструменти и нивната реална употреба.
Пристапот не значи користење
Иако 84,3% од возрасното население поседува сметка во финансиска институција, а 75,2% има дебитна картичка, употребата на дигитални канали за плаќање е значително пониска. Само 27,4% од возрасните користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки (наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход), а 28% користеле телефон или интернет за купување производи и услуги, во споредба со 60,4% кај споредбената група.
Микроподатоците од Global Findex 2025, собрани во 2024 година, покажуваат дека околу половина од онлајн купувачите во Северна Македонија користеле дигитално плаќање (50%), слично како во Србија (49,3%), додека во економиите со повисок среден доход овој удел достигнува 90,9%. Анализата на 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет открива дека 50% плаќаат исклучиво во готовина при достава, 37,2% користат и готовина и онлајн плаќање, а само 12,7% плаќаат исклучиво онлајн — значи 87,3% користат готовина при достава барем понекогаш.
Возраста прави најголема разлика: кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина; кај лицата од 35 до 54 години тој удел изнесува 49,4%; додека кај купувачите на возраст од 55 години и повеќе достигнува 81,8%. Дополнителната статистичка обработка покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовина и кога се земаат предвид други демографски и социоекономски карактеристики.
Постојат разлики и според место на живеење и доход: во руралните средини 60% од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4% во урбаните средини. Кај купувачите од двата најниски доходовни квинтили, 66,5% користат исклучиво готовина, додека кај оние од двата највисоки квинтили овој удел изнесува 43,2%. Полот речиси и да не влијае: 50,5% од жените и 49,6% од мажите кои купуваат онлајн плаќаат исклучиво во готовина.
"Не е доволно граѓаните да купуваат онлајн - важно е и како плаќаат. Податоците покажуваат еден интересен парадокс - имаме висока распространетост на банкарски сметки и платежни картички, но половина од онлајн купувачите и понатаму плаќаат исклучиво во готовина при достава. Тоа значи дека дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето. Ако сакаме вистински напредок, треба да работиме на довербата, дигиталната писменост и создавањето услови онлајн плаќањето да биде едноставен, безбеден и привлечен избор за сите генерации", истакнува д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е‑трговија на Северна Македонија.
Заклучокот на анализата е дека зголемувањето на дигиталните плаќања бара повеќе од техничка инфраструктура: потребни се градење доверба, едукација на потрошувачите, подобрување на корисничкото искуство и стимулации. Целта не е укинување на плаќањето при достава, кое останува важно за домашната е‑трговија, туку создавање услови дигиталното плаќање постепено да стане полесен и попривлечен избор.
Фото: прес-материјал од настанот


