Помалку пари за образование, повеќе за плати — училиштата ризикуваат да останат без средства
Општините добиваат помалку блок дотации додека трошоците за плати растат — ризик за основните и средни училишта.

Според предлог-буџетот на Владата за 2027 година, општините ќе добијат вкупно околу 406 милиони евра за покривање на трошоците во образовниот процес — за над 9 милиони евра помалку од лани. Од Обединетите единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) предупредуваат дека близу 90% од тие средства, т.н. блок дотации, ќе бидат потрошени за плати на наставниците.
Раст на плати, намалени блок дотации — ризик за основните и средни училишта
Економистите укажуваат дека научно е докажано: ако учеството на платите надмине 80% од блок дотациите, тоа негативно влијае на квалитетот на образованието бидејќи нема да останат пари за дополнителни средства, мотивација на наставниците или активности за учениците.
Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ, го опиша сосема нелогичниот пресек меѓу приливот на средства и нивната распределба: "Гледаме еден феномен кој што ние како економисти не можеме да го препознаеме зошто се случува. Вие имате област која што напредува, сите ја поздравуваат и истовремено сме добиле пари од ЕУ во рамки на реформската агенда за донесување на нов начин на финансирање на основното и средното образование, а истовремено во 2027 за прв пат од 2008 до денес, во основно и во средно образование номинално се намалува блок дотацијата за основно и средно образование. Ова е навистина нелогичност на системот."
Митевски наведува дека состојбата дополнително се комплицира затоа што од март е најавено зголемување на платите на наставниците од 7,5% според колективниот договор, што носи фискален ефект од 1,3 милијарди денари само за плати. "За прв пат лани благодарение на зголемените блок дотации ние успеавме како систем да го намалиме учеството на платите во блок дотациите. Што се случува во 2027? Имаме номинално намалување на блок дотацијата за основно и средно, дополнително, од март месец најавено според колективен договор зголемување на платите на наставниците за 7,5%. 1,3 милијарди денари зголемување на фискален ефект само за плати. А ние ја кратиме блок дотацијата. Што значи тоа? Ние ќе се доведеме во ситуација каде 99% од блок дотацијата која што државата ја дава на општините за управување на основните и средните училишта да одат за плати. И потоа ќе имаме училишта кои што нема да можат да платат парно, нема да можат да платат струја, ќе бидат блокирани сметки, ќе нема да можат да набават било што за да функционираат како што треба во системот," вели Митевски.
Тој додава дека жртва од недостатокот на средства за развој и поттик ќе не бидат само децата туку и сите кои се вклучени во образовниот процес. Европската комисија, по долг период, за првпат ја забележува и ги поздравува реформите што се спроведуваат — воведувањето на нов модел на финансирање на основното и средното образование, оптимизацијата на училиштната мрежа, воведувањето нови програми и целосното заокружување на циклусот за насочено стручно образование во средните училишта.
Фото: прес-материјал од настанот


