Помалку пријави за службените возила со црвени таблички — помалку злоупотреби или помалку доверба?
Ивица Томовски вели дека пријавите паднале од дваесет месечно на три‑пет; дел од случаите остануваат нерешени поради недоволни докази.

Бројот на пријави за службени возила со црвено‑жолти регистарски таблички значително опадна по воведувањето на системот, велат од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Надлежните го толкуваат намалувањето како сигнал дека има помалку злоупотреби, но следењето на конкретни случаи покажа задоцнувања и недостатоци во верификацијата кои оставаат прашалник над довербата на граѓаните во алатката.
„ Заклучно со вчерашниот ден, црвено-жолто таблички имаат добиено околу 1 000 возила… Во неколку изјави сум изјавил дека не очекувам повеќе од 2 до 2 500 возила да ѝ бидат потребни на државата “, порача директорот на СОЗР, Ивица Томовски (септември 2025г).
Новинарите кои ја следеа темата документираа два примери на согласно сомнителни паркирања. На денот Илинден, кој годинава се падна во недела, беше забележано службено возило паркирано кај Транспортниот центар во Скопје, додека возачот чекаше патник. Две недели подоцна е фотографиран Dacia Duster со црвено-жолти таблички на паркинг за жители во Општина Кисела Вода. Двата инцидента беа пријавени до СОЗР со фотографии и снимки, но агенцијата побара дополнителни материјали во барем еден случај, наведувајќи дека видеото не дозволува јасно препознавање на табличката.
Што покажуваат бројките?
Томовски објасни дека по официјалниот почеток на системот минатата година, преживувале околу дваесет пријави месечно, но во последните месеци тој број опаднал на околу три до пет. „ Дали има сè уште одредени потенцијални или можни злоупотреби? Јас сум сигурен дека има, може да се најде по некое возило за викенд, може да се најде по некое возило некаде по дома паркирано, но очекувам со текот на времето дека и тоа ќе биде искоренето затоа што сепак сега се видливи тие возила, подлежат на јавна критика, се праќаат до нас, ние ги споделуваме со граѓаните, граѓаните ги споделуваме и со вас медиумите “, рече тој.
СОЗР достави делумен преглед за 25 од вкупно 66 пријави по кои постапувале. Најмногу, седум пријави, се однесувале на ЈУ Национален парк „Галичица“ и сите биле оценети како неосновани. По две пријави имало за РЕК Битола, Државниот пазарен инспекторат, ПИОМ и Министерството за култура; за возилата на РЕК е утврдено дека биле оправдано на терен заради итен ремонт. До моментот на доставата на прегледот злоупотреба е официјално утврдена само за возило регистрирано на Агенцијата за иселеништво.
Во одговор на пријава за возило пред зграда во Кисела Вода, СОЗР го проследи писмениот одговор на директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски. Во него се вели: „ Со оглед на високите температури во тој период, ископувањата започнуваа во 7:00 часот наутро. Престој за стручната екипа не беше обезбеден во Тетово, па мораа секојдневно да патуваат на релација Скопје – Тетово – Скопје. Заради рационално искористување на времето, на еден член од екипата дозволив во тој период, додека траеја ископувањата, возилото да биде на располагање постојано “.
Томовски потврди дека имало и сопствен случај во службата за кој е поведена опомена пред дисциплинска постапка. „ Видете, се одлучивме на опомена за да не бидеме сега толку ригорозни од на дисциплински казни — доколку го повтори делото, секако дека ќе следи и дисциплинска постапка и парична казна, сè во рамките на законот и подзаконските акти. Меѓутоа можам да потврдам дека нема некои повторувања (зборам конкретно за службата), нема некое повторување или пречекорување на оние работни обврски коишто им следат “, рече тој.
Иако пријавите опаѓаат, довербата на граѓаните во системот е поделена. Еден од анкетирани граѓани рече: „ Не знам колку има злоупотреба, но кога ќе видам служено возило, дали службено оди дали приватно, не знам, ако видам како се злоупотребува, сигурно ќе пријавам “. Друг додаде: „ И што ако го пријавам, кога мува не ги лази никого “. Третиот коментираше: „ Не го знам, ама кој ќе се замара да пријави такви работи, кога државата не води грижа за што е службено а што е приватно возило, па ние граѓаните останало да пријавуваме на телефон “.
Фото: прес-материјал од настанот


