Поранешни функционери на СДСМ ја формираа платформата „12:05“ и ќе му достават мерки на Венко Филипче
Иницијаторите велат дека нема да формираат нова партија, туку ќе бараат внатрешна промена и поширок опозициски фронт.

Група поранешни функционери на СДСМ денеска ја претставија иницијативата „12:05“ и најавија дека следната недела ќе му достават на претседателот Венко Филипче предлог-мерки за промени во раководството на партијата.
„Не сме и нема да бидеме нова партија“, порачаа од платформата
На брифингот организаторите — Игор Ивановски, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Гордан Ѓоргиев, Емилијан Станковиќ и Никола Ќуркчиев — рекоа дека целта е СДСМ да се врати како кредибилен фактор и да се обнови врската со членството. Паралелно најавија работа на окрупнување на опозициски фронт на кој, како што посочија, би се приклучила и критичката јавност и помалите опозициони партии со цел пораз на Владата на Христијан Мицкоски.
Иницијаторот Игор Ивановски јавно истакна кои се границите на нивната иницијатива: "Не сме и нема да бидеме нова политичка партија, нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Не, нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Тоа нема да го правиме. Целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на ова власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија", рече тој.
Емилијан Станковиќ го засили тој наратив со критика на поврзаноста на Филипче со членството и внатрепартиските процедури: "Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Венко Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој е претставник на фиктивни картичкиз а гласање. Анализираме како се гласаше на внатрепартиските избори и кој го аминува тој фалсификат", изјави Станковиќ.
Пратеничката Славјанка Петровска, која исто така е меѓу иницијаторите, рече дека долго време обраќала внимание на проблемите внатре во партијата и дека добила непристојни понуди: "Подолг период зборував одвнатре во партијата, имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив".
Покрај критиките упатени кон Филипче, иницијаторите го нападнаа и работењето на Владата на Христијан Мицкоски по прашања на економијата и борбата против корупцијата. Никола Ќуркчиев најави и кривична пријава поврзана со, како што рече, фалсификат во кој се појавило името на Венко Филипче, и обвини дека фирма во која бил овластен претставник добивала тендери од Владата.
Фото: прес-материјал од настанот


