Потежок пат до членство: ЕУ подготвува нови правила поради страв од парализа
Дипломати во Брисел и некои престолнини се плашат дека забрзаното проширување може да ја парализира способноста на ЕУ за одлучување; можни измени на правилата се подготвуваат пред октомврискиот самит.

Европската Унија подготвува измени на правилата за проширување поради се посилна загриженост во некои престолнини дека забрзаниот прием на нови членки може да парализира носењето одлуки во блокот.
Во дипломатските кругови во Брисел и во некои главни градови — меѓу кои се Франција, Германија и Холандија — расте отпорот кон идејата процесот значително да се забрза. Во центарот на загриженоста е можноста политичките промени во некоја од идните членки по нејзиното влегување да доведат до блокирање на стратешки одлуки, особено во надворешната политика, буџетот и други области каде што се бара консензус.
„Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении. Се плашиме дека ќе пуштиме „тројански коњ““, изјави дипломат од земја која е скептична кон забрзаното проширување.
Комисијата подготвува гаранции за постојаните членки
Според дипломатски извори, Европската комисија веќе работи на можни измени на правилата со цел да им даде гаранции на сегашните земји членки дека новиот бран на проширување нема да го парализира процесот на одлучување ниту дополнително да ја отежне распределбата на средства од заедничкиот европски буџет.
Ова прашање ќе биде во фокусот на стратешката расправа што лидерите на ЕУ треба да ја водат на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври. Советот уште во јуни го најави тоа и посочи дека на октомврискиот состанок ќе ја разгледува поврзаноста меѓу идното проширување и потребната внатрешна реформа на самата Унија.
Потребата за дебата се заостри по забрзувањето на пристапните процеси за Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Украина на 15 јуни годинава го отвори првиот преговарачки кластер што опфаќа фундаментални области како правосудство, основни права и финансиска контрола, но експертите нагласуваат дека отворањето кластери не гарантира членство ниту утврдува рокови.
Историските примери покажуваат колку долг може да биде патот: Црна Гора преговара од 2012 година и, иако ги отвори сите 33 поглавја, 2028 година се споменува само како „можен“ рок за пристапување, условено со исполнување на сите обврски. Поилустративен е примерот со Турција — кандидатски статус ја доби во 1999 година, преговорите ги почна во 2005-та, но по 21 година процесот е во застој и практично блокиран од 2018 година.
Токму оваа тензија — меѓу оние што го гледаат проширувањето како геополитички приоритет и оние што предупредуваат дека приемот на нови држави без претходна институционална реформа може да го отежни функционирањето на Унијата — ќе ја обликува дебатата пред октомврискиот самит, кој може да одлучи не само кој и кога ќе стане член, туку и под какви услови идните членки ќе влегуваат во Европската Унија.
Фото: прес-материјал од настанот