Повеќе сали за помалку чекање: финишира реконструкцијата на „Св. Еразмо“ во Охрид
Реконструкцијата на новото крило ќе донесе четири оперативни сали, но прашањето за недостигот на медицински сестри и инструментарки останува.

Новото крило на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид — проект чија изградба практично беше замрзната од 2017 година — влегува во завршна фаза, а надлежните ветуваат дека работите ќе бидат завршени до крајот на годината.
Според објаснувањата од раководството, завршена е финансиската конструкција тешка над два милиони евра: средства обезбедени од Фондот за здравство, од сопствениот буџет на болницата и од донации, а е избран и нов добавувач за продолжување на работите.
Повеќе сали — но и прашања за кадарот
На хартија амбициите се големи: болницата треба да скокне од сегашните нецели две на вкупно четири современи оперативни сали, што значително би ги подобрило условите за пациентите и за лекарските екипи.
Сепак, во јавноста и меѓу стручните кругови се поставува дилемата дали инфраструктурното проширување ќе биде следено и од соодветен број медицински работници. Најголем недостиг се чувствува кај медицинските сестри и инструментарките, особено во туристичката сезона кога расте бројот на интервенции и повредени од сообраќајни несреќи.
Проблемот се продлабочува со заминувањето во пензија на искусниот кадар. Раководството на установата и Министерството за здравство најавуваат долгорочни решенија и вработувања за замена на кадарот, но деталите и временската рамка остануваат отворени.
Специјализираната болница „Св. Еразмо“ со децении, покрај пациенти од Охрид и Струга, опслужува и пациенти од целиот регион и од соседна Албанија. Десетици илјади пациенти годишно поминуваат низ амбулантите и операциските сали, што го прави ова проширување клучно прашање за целокупниот здравствен систем.
Фото: прес-материјал од настанот


