Повеќе заболени од акутни заразни болести во септември 2026; загриженост за западно-нилската треска
Во септември 2026 Институтот забележа 1.042 инфекции, 22% повеќе од септември 2025; раст на респираторни прегледи во „Козле“.

Во септември 2026 година во земјава беа пријавени 1.042 случаи на акутни заразни болести, што е за 22 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Најчести дијагнози се ентероколитисите со 694 случаи, а регистрирани се и 123 случаи на овчи сипаници.
Загриженост поради западно-нилската треска
Институтот за јавно здравје посочува загриженост поради западно-нилската треска: во септември беа потврдени 16 случаи, а четири лица починаа. Во меѓувреме на Детската клиника „Козле“ бележат зголемување на амбулантските прегледи поради респираторни инфекции.
„Засега нема изолиран случај на грип.Во овој период очекувана ни е оваа бројка која што ја имаме во текот на 24 часа и бројката на хоспитализирани деца. Ако споредиме со летните месеци и почетокот на септември, да бројот е зголемен но не е ништо што не очекуваме во овој период од годиата веќе за есенски денови нели како што почна есента и како што децата се вратија во колективите“, рече д-р Филип Доксимовски, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата -Козле.
Трката за сезонската вакцина против грип е во тек. Најголем интерес покажуваат лица над 65 години и хронично болните, кои се пријавуваат преку системот „Мој термин“. Според Институтот за јавно здравје, досега се потврдени два случаи на грип тип А, а регистрирани се и 65 случаи со симптоми слични на грип, кои не се лабораториски потврдени. Се очекува и испорака на јапонските вакцини против туберкулоза откако употребата на бугарските беа стопирани поради сомнежи за нивниот квалитет.
Во изминатиот месец се регистрирани и осум нови случаи на ХИВ/СИДА, а две лица починаа. „Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи (заклучно со 30.09.2026), вкупниот број на пријавени ХИВ/СИДА случаи во 2026 година изнесува 49, додека кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Македонија, за периодот 1987–2026, изнесува 778 и тоа: 144 починати лица, 520 лица кои живеат со ХИВ/СИДА и 114 лица се водат како изгубени за следење (иселени)“, соопштија од Институот за јавно здравје.
Во септември беа пријавени и пет случаи на хепатитис Б и четири случаи на голема кашлица, сите во главниот град. Најмногу пријави за заразни болести имаше во Скопје — 385 случаи, додека највисока инциденца е регистрирана во Штип. За истиот период се регистрирани и 12 нови случаи на КОВИД‑19 без смртни исходи. Надлежните апелираат на редовно миење раце, проветрување на просториите, избегнување блиски контакти со болни лица и одржување здрави животни навики.
Фото: прес-материјал од настанот


