Почетна
Македонија

Повторно воспоставена контрола на пожарот кај штипско Селце

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, вели дека пожарот се разгорел поради високи температури и ветер и дека екипите очекуваат вечерта да го стават под контрола ризичниот дел.

·Македонија
Повторно воспоставена контрола на пожарот кај штипско Селце

Повторно е воспоставена контрола на пожарот кој денеска се разгоре кај штипското село Селце и се приближи кон повеќе викендички, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Ангелов посочи дека пожарот пред тоа бил ставен под целосна контрола, но поради високите температури и силниот ветер што е карактеристичен за подрачјето, тој повторно се разгорел и делумно излегол од контролата.

Поради опасноста од понатамошно ширење беа ангажирани засилени сили: професионални противпожарни единици од Источна Македонија, тимови на Дирекцијата и доброволни пожарникари. На терен работат повеќе противпожарни возила, а за заштита на блиските викендички се користи и БТР возило на ДЗС.

„Пожарникарите даваат натчовечки напори да ја запрат линијата на огнот која предизвикува најголема загриженост поради опасноста за викендичките што се наоѓаат во подрачјето на пресушената река Лакавица. Таму има некаде околу 100 викендички“, рече Ангелов.

Попладнево тој изјави дека е воспоставена контрола и дека на повеќе места е распореден доволен број на пожарникари, со очекување до вечерта да се стави под контрола делот од огнот кој ги загрозува викендичките.

„Останува да го ставиме под котрола горниот дел од пожарот кој се движи во насока на планината Серта, каде секоја година имаме горчливи искуства“, додаде директорот.

Од воздух, според него, во гаснењето се вклучени „ертракторите“ на ДЗС, како и два хеликоптера — еден полициски и еден армиски. Ангелов предупреди дека опасноста од пожари сè уште е висока и дека екипите интервенираат и во околината на Струга, Боговиње и Штип.

Фото: ДЗС

Поврзани написи