Пожар во хотел „Вила Бисера“ во Лагадин — противпожарното возило не можеше да стигне поради блокирани и тесни улици
Пожарот избувнал во котларата; хаусмајсторот го изгаснал, а пожарникарите интервенирале со џип откако големото возило заглавело.

Вчеравечер избувнал пожар во котларата на хотелот „Вила Бисера“ во охридската населба Лагадин. Поради непристапниот терен и тоа што хотелот се наоѓа во највисоката зона на населбата, големото противпожарно возило не можело директно да стигне до местото, па пожарникарите интервенирале со џип.
Хаусмајсторот го изгаснал пламенот, тимот направил дополнителна проверка
Пожарот во меѓувреме го изгаснал хаусмајсторот вработен во објектот, а пожарникарите потоа извршиле дополнителна интервенција и проверка на местото за да се уверуваат дека нема повторно запали.
Очевидците кои ни испратија видео велат дека големото противпожарно возило заглавело уште при влезот во населбата, кога не можело да се приклучи од регионалниот пат кон куќите поради тесниот приод и непрописно паркирани возила.
Според првичните информации, најверојатна причина за избувнувањето на пожарот е техничка неисправност во котларата. Населбата е составена главно од приватни куќи и викендички, а пристапните улици се стрмни и тесни, што го отежнува пристапот особено во летниот период.
Пожарот се случи два дена по протестот на локалните жители и еко-активисти од Лагадин, кои со повремено блокирање на сообраќајот на регионалниот пат кон Свети Наум предупредија на опасностите од неконтролирана урбанизација и непланско градење сместувачки капацитети.
Заменик-командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Коста Кузмановски, посочува дека ваквите ситуации со отежнат пристап се чести и дека пожарникарите постојано се соочуваат со проблемот на тесни улици и непрописно паркирани возила.
„Постојано се соочуваме со вакви проблеми, особено во стариот дел на градот и во населбата Гоце Делчев, каде тесните улици и непрописно паркираните возила можат сериозно да го отежнат пристапот на противпожарните возила“, вели Кузмановски.
Од противпожарната единица апелираат до граѓаните да бидат совесни при паркирањето и да не ги блокираат пристапните улици и патишта, имајќи предвид дека во итни ситуации секоја секунда е важна и непречениот пристап на пожарникарите може да биде од клучно значење за спасување човечки животи и имот.
За „Вила Бисера“ е врзан и случајот од 2019 година, кога сопственикот го затрупал поројното корито и, и покрај инспекциското решение и кривичната пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид, не го вратил во првобитната состојба. Жителите и здружението „Стар Лагадин“ тогаш укажуваа дека тоа го загрозува населбата од поплави и нанос.
Во врска со претходниот случај, жителите од здружението „Стар Лагадин“ на 29 март 2019 реагираа до тогашниот в. д. градоначалник Коста Георгиевски, а градоначалникот на 3 април 2019 одговори:
„Од страна на овластен инспектор за заштита на животна средина од Општина Охрид на ден 02.04.2019 година извршен е увид на лице место на посочената лоакција и при увидот е констатирано дека на КП. Бр. 3627 во КО Елшани која се води како култура долови во место викано 'Св. Мартинија' сопственост на Република Македонија на која парцела има поројно корито од страна на Василески Климе сопственик на вила 'Бисера' кој при изведување на градежни активности во должина од 60-70 метри го има затворено поројното корито. На еден дел од поројното корито има изградено и градежен објект покрај кој објект има поставено пластични цевки за прибирање на водите од поројното корито на кои не можеше да им се види испустот под мостот во непосредна близина на трасираниот пат. Поради констатираното, лицето Климе Василевски со решение е задолжен поројното корито да го врати во првобитната состојба“.
На 5 јули 2019 в. д. градоначалникот известил дека Василевски не го вратил поројното корито во првобитна состојба и дека против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Охрид; од тогаш нема јавни податоци дали случајот е добил завршница.
Фото: Принтскрин од видео)