Пожар во котлара во Лагадин откри ризици од неконтролирана урбанизација
Инцидентот во котларата покажа дека стрмните и тесни улици, како и неправилното паркирање, го доведуваат во прашање пристапот на спасувачките служби во Лагадин.

Пожарот што пред два дена избувна во котлара на познат хотел во охридската населба Лагадин уште еднаш го вклучи алармот за безбедноста на граѓаните од ова место. Иако за среќа немаше повредени, брзата реакција на хаусмајсторот спречи поголема катастрофа.
Противпожарното возило не можеше да стигне до местото
Според очевидци кои не исконтактираа, големото противпожарно возило заглавило уште на самиот влез во населбата поради непристапноста на теренот: стрмни и тесни улички, објекти и возила паркирани на секој чекор. Поради тоа пожарникарите морале да интервенираат со џип.
Драмата се случи само два дена по протестот на локалните жители и еко-активистите, кои бараа итно запирање на неконтролираната урбанизација и непланското градење на сместувачки капацитети, аргументирајќи дека таквите промени ја загрозуваат безбедноста на жителите во населбата.
Активистите нагласуваат дека проблемите не се само на копното: мештаните веќе подолго време алармираат за хаосот во водата — диво паркираните пловила, узурпацијата на плажите и опасните инциденти со глисери кои возат во непосредна близина на капачите.
Од противпожарната единица повеќе пати ги потврдиле маките со кои се соочуваат на терен, особено во летото, посочувајќи дека тесните улички и непрописно паркираните возила претставуваат секојдневен ризик по животите на луѓето. Апелираат до граѓаните да бидат совесни при паркирањето и да не ги блокираат пристапните улици и патишта, имајќи предвид дека во итни ситуации секоја секунда е важна и непречениот пристап на пожарникарите може да биде од клучноз значење за спасување човечки животи и имот.
Фото: прес-материјал од настанот