Почетна
Македонија

Предлог-акциски план за кравите од Крива Паланка ќе оди на владина седница во вторник

Министерството презентираше нацрт; Општината инсистира на конкретен буџет, рокови и согласност од Бирото за јавни набавки.

·Македонија
Предлог-акциски план за кравите од Крива Паланка ќе оди на владина седница во вторник

На работниот состанок во Министерството за земјоделство беше презентирана нацрт-верзија на акциски план за решавање на долгогодишниот проблем со кравите во Крива Паланка; документот ќе оди како информација на владина седница во вторник.

Кој ќе постапува и какви се роковите

На средбата присуствувале министерот за земјоделство, директорите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и на Агенцијата за управување со одземен имот, претставници на МВР и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Засегнатите страни дале свои сугестии и забелешки по презентираната нацрт-верзија.

Градоначалникот рече дека за решение ќе зборува дури кога институциите ќе почнат да постапуваат на терен. "За жал, сè уште не сме дојдени до конечното и трајното решение на проблемот и за мене истото ќе важи сè до оној момент додека немаме конкретно постапување на терен", изјави Митовски.

Планот предвидува координирана акција во која секоја институција ќе постапува во рамките на своите надлежности. Носител на оперативната организација треба да биде АХВ; заловениот добиток би преминал во надлежност на Агенцијата за управување со одземен имот; во акцијата ќе биде вклучено и МВР, а Општина Крива Паланка и јавните претпријатија ќе обезбедат логистичка поддршка.

Утврдена е временска рамка за спроведување од не повеќе од десетина дена. "Јас сум убеден дека можеме за десетина денови, доколку има волја и искрена намера од сите институции, да дојдеме до конечното решение", додаде Митовски.

Општината инсистирала во акцискиот план да бидат јасно вметнати буџетска и временска рамка и побарала согласност од Бирото за јавни набавки за да може оперативно да помага и да склучува договори, додека повторува дека законската надлежност за заловување на крупен добиток е на АХВ и на Агенцијата за управување со одземен имот. Според последниот вонреден инспекциски надзор на АХВ се евидентирани околу 480 незгрижени грла, но Митовски оцени дека реалната бројка може да изнесува до околу илјада грла. Жителите најавиле протест в сабота против неконтролираното движење на добитокот низ општината.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи