Предвремени избори за градоначалник во Брвеница
Општина Брвеница гласа за нов градоначалник – 16 256 избирачи и шест кандидати по смртта на Јовица Илиевски.

Општина Брвеница денеска одржува предвремени локални избори за градоначалник откако на 23 јуни годинава ненадејно почина досегашниот градоначалник Јовица Илиевски на 58-годишна возраст.
Во Избирачкиот список, застапен во десетте населени места на Општина Брвеница, се вкупно 16 256 избирачи. Од нив 449 се на привремена работа во странство, а деветмина се затвореници. Гласањето се одвива во 24 избирачки места.
Изборниот ден започна во 7 часот утринава и ќе заврши во 19 часот. Вчера гласаа болните и затворениците, а за нив имаше вкупно 85 болни и немоќни лица кои го остварија своето гласачко право.
Состојба на списокот и кандидатската понуда
Граѓаните гласаат меѓу шест кандидати: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ; Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ; независниот кандидат Душан Богдановски; Јакуп Усеини од коалицијата предводена од Влен; независната кандидатка Арифе Идризи; и Аркин Јахији од Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.
Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги објавува првичните резултати добиени по електронски пат сукцесивно. Резултатите врз основа на записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) ќе бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. ДИК конечните резултати ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Фото: прес-материјал од настанот


