Премиера: „Тепихот на Биг Лебовски“ со Стефан Ѓорчев во улога на Дони
Новиот проект на Пробатон во режија на Ѓорѓи Ризески со мобилна сценографија и финансиска поддршка од публика и партнери.

Алтернативниот театар „Пробатон“ под режисерска палка на Ѓорѓи Ризески подготвува сценска адаптација „Тепихот на Биг Лебовски“ — театарска сатира инспирирана од филмскиот класик на Браќата Коен. Во срцето на проектот стои Стефан Ѓорчев, кој ја носи и продукцијата, и техничкото поставување, и улогата на Дони.
Мал тим, големи амбиции
Ѓорчев објаснува дека идејата е колективна — родена во соработката со актерот Милорад Ангелов и режисерот Ѓорѓи Ризески — и оти носењето на повеќе улоги не е секогаш лесно. "Да бидам искрен, тој баланс ретко е совршен. Продуцентот мора јасно да му ја пренесе идејата на режисерот, во нашиот случај таа идеја не е само моја, туку заедничка со актерот Милорад Ангелов и режисерот, мора да ја обедини екипата и да создаде атмосфера во која секој ќе се чувствува пријатно, а притоа да не се изгуби дисциплината. Затоа понекогаш повеќе личам на Волтер отколку на Дони."
Како што вели, актерството и продукцијата се спротивни страни на истиот занает: едното бара воздржаност, другото бара постојано да се бара повеќе. „Не е лесно, но сме екипа што дише заедно, и овој процес, верувам дека не само за мене, туку за сите е вистинско задоволство и сите вложуваат најмногу што можат за овој проект да блесне на македонската театарска сцена.“
Финансиски, продукцијата се потпира првенствено на публиката и на општествено одговорни партнери — Институтот за култура при Меѓународниот Славјански Универзитет, самиот Универзитет, Киноверзум и други — а не на институционални субвенции. "Нас пред сè нè поддржува публиката, а потоа и општествено одговорните партнери... Сметам дека театар што се нарекува алтернативен не треба да бара поддршка од ниту една јавна институција... Со мојата екипа секогаш се снаоѓаме сами. Каде и да гостуваме, не сакаме да бидеме ослободени од било што, одговорно ја плаќаме салата што ја користиме. Нè поддржуваат општествено одговорни фирми и граѓаните, нашата публика."
Ѓорчев додава дека би поднел проект до Министерството за култура само за веќе докажана претстава — на пример за десет изведби во рурални средини, за да се овозможи бесплатен пристап на публика — и додава дека за такво нешто е подготвен да оди и без пари. Тој предупредува на долготрајното занемарување на културата по осамостојувањето и на тешкотиите претставите да доживеат повеќе од десет изведби во помалите градови.
Покрај организациските обврски, Ѓорчев е автор и на првичните скици и на сценографијата, која е дизајнирана да биде мултифункционална и пренослива за потребите на гостувањата. "Ние сме алтернативен театар од мал град, каде што нема услови за многу изведби, па гостувањата се единствено решение... Затоа и потребата таа да биде мултифункционална, жив декор." Изработката на делови од сценографијата ја направи Викинг Мебел преку CNC сечење, а за време на претставата тон и светло ги води Иван Гичев.
За премиерата во Свети Николе и гостувањето во Штип, Ѓорчев очекува дека тоа ќе биде „најдобриот проект на нашата продукција досега“. "Нема да биде лесно да се гостува, бидејќи сме шест актери и трошоците за секоја изведба се значителни. Како продуцент, за себе не барам ништо. Доволно ми е да излеземе на позитивна нула, па дури и во мал минус. Театарот го доживувам како страст... Се надевам дека оваа премиера барем малку ќе ја врати публиката во салите, за повторно да ја почувствува магијата на театарот."
Фото: прес-материјал од настанот


