Премиерот нема да го разреши Далибор Китановиќ бидејќи го повлекол постот за Ратко Младиќ, партијата на Бошњаците поднесе кривична пријава
Мицкоски рече дека директорот го повлечел постот и се извини; Бошњачкиот демократски сојуз покрена кривична пријава за величање на Ратко Младиќ.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, нема да биде разрешен, објави премиерот откако тој го повлече споротниот пост и се извини поради јавното величање на правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
Партијата на Бошњаците поднесе кривична пријава
„Господинот го повлече својот став, се извини и сега не треба да го распнуваме или да бараме кривична одговорност за нешто што самиот сфатил дека погрешил“, рече Мицкоски, објаснувајќи ја одлуката да не го разреши Китановиќ.
Јавноста и дел од политичката сцена жестоко го осудија постот на директорот, истакнувајќи дека е незамисливо носител на јавна функција да пораките ги насочува кон релативизирање на воените злосторства.
За објавениот пост, Бошњачкиот демократски сојуз денеска до надлежните институции поднесе кривична пријава против Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците поради неговото јавно дејствување со кое се глорифицира и велича Ратко Младиќ, правосилно осуден воен злосторник.
„Особено ја истакнуваме одговорноста што ја носи директорот на институција чија основна улога е остварување и заштита на правата на помалите, односно помалубројните етнички заедници во Северна Македонија. Од таква институција и нејзиното раководство очекуваме почитување на сите заедници, нивното достоинство, како и чувствителност кон жртвите на воените злосторства“, пишуваат од партијата.
Случајот ја отвора дилемата за јавната одговорност на функционерите кои ги застапуваат интересите на етничките заедници и за тоа какви стандарди се очекуваат од нив во јавниот говор.
Фото: прес-материјал од настанот


