Почетна
Македонија

Преработувачките компании имаат на располагање 7 милиони денари, објавени два јавни повици

Средства од Министерството за економија и труд за проекти со универзитети и за стандарди — апликациите до 15 септември.

·Македонија
Преработувачките компании имаат на располагање 7 милиони денари, објавени два јавни повици

Министерството за економија и труд објави два нови јавни повици со вкупна финансиска поддршка од 7 милиони денари, наменети за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.

Првиот јавен повик има буџет од 5 милиони денари и е наменет за зајакнување на соработката помеѓу деловните субјекти од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. Министерството ќе покрива 70 проценти од докажаните трошоци, но најмногу до 500.000 денари по барател.

Вториот повик е со вкупен буџет од 2 милиони денари и служи за надоместување на дел од трошоците за набавка, имплементација и сертификација на хоризонтални и други стандарди, стандардизациски документи и извештаи потребни за развивање и примена на социјално прифатливи практики, како и за активности кои ја поддржуваат интернационализацијата и поголемата конкурентност. И по овој повик Министерството покрива 70 проценти од докажаните трошоци, но до 200.000 денари по барател.

Кого опфаќаат повиците и рок

Мерките се насочени кон компании од преработувачката индустрија кои бараат модернизација, воведување нови технологии или исполнување стандарди со цел извоз и поголема конкурентност. Апликациите по двата јавни повици можат да се достават најдоцна до 15 септември.

„Нашата определба е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата. Со овие два јавни повици обезбедуваме вкупно 7 милиони денари за преработувачката индустрија, со фокус на иновациите, знаењето, новите технологии, стандардите и поголемата конкурентност. Сакаме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари“ — изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи