Пресврт во Битола: Јашар И. кој се гледа на снимката починал, влечениот е жив
СВР Битола ги идентификува учесниците на видеоснимката; мажот кој се гледа дека влече е 39‑годишен и починал, додека влечениот е жив.

Четири дена по појавата на видеоснимка на која се гледа какo едно лице влече друг во бесознание по плочникот на „Широк сокак“ во Битола, полицијата соопшти нови детали: лицето кое се гледа дека влече е истото лице кое беше најдено мртво следниот ден во дворот на Клиничката болница Битола.
Идентитет и постапки
„Во врска со видеоснимките од социјалните мрежи, ве информираме дека од страна на СВР Битола утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расчистување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор. Потенцираме дека споменатото починато лице Ј.И. во дворот на Клиничката болница Битола не е лицето кое на видео снимката е влечено од страна на друго лице“, соопшти МВР.
Од МВР велат дека сите луѓе кои се на снимката се идентификувани и дека се преземаат постапки — повеќе лица биле повикани на службен разговор додека истрагата продолжува.
Од Клиничката болница ја потврдуваат хронологијата: мажот бил донесен со Брза помош околу 4:00 часот на утрото претходната ноќ. Бил испратен на хирургија, невропсихијатрија, психијатрија и на рентген и ги поминал сите прегледи, освен рентгенот, по што заминал од болницата.
Следниот ден напладне тој беше пронајден мртов во дворот на болницата. Станува збор за 39‑годишниот Јашар И., а според резултатите од обдукцијата, причината за смртта е срцев застoj.
Обвинителството и полицијата потврдуваат дека работат на случајот и дека ќе продолжат со вкрстени проверки и разговори со повикани лица додека трае истрагата.
Фото: прес-материјал од настанот


