Претреси низ државата во истрага за финансиски злоупотреби во здравствениот систем
МВР и ОЈО ГОКК координираат претреси на повеќе локации; неофицијално осомничени се лица од приватна болница и вработени во ФЗО.

Екипи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи утрово вршат претреси на повеќе локации низ државата поради истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравствениот систем.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен кримрим при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“.
Ресорното Министерство потврди дека акцијата е во тек и дека се спроведува со координација на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Од МВР засега не ги откриваат деталите за бројот на лица под истрага или конкретните кривични пријави поради текот на истражните активности.
Каде се спроведуваат претресите и за што ги истражуваат
Неофицијални информации говорат дека претреси се извршуваат на повеќе од 10 локации низ земјата, вклучително и во Скопје, Тетово и Куманово. Според извори запознаени со истрагата, меѓу осомничените се лица од приватна здравствена установа и вработени во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Во истрагата се наведуваат сомневања за кривични дела како злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари. Исто така, првичните информации укажуваат дека повеќе пациенти кои се лечеле во приватната болница биле оштетени од постапките предмет на истрага.
Според медиумски неофицијални извори, штетата врз државниот буџет наводно надминува 1,5 милиони евра, додека противправната материјална корист што ја стекнала болницата е проценета на околу 4 милиони евра.
Меѓу именуваните во дел од објавите е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, кој беше на таа функција од август 2017 година до мај 2020 година. Од МВР најавуваат дека ќе излезат со дополнителни информации по завршувањето на акцијата.
Фото: МВР


