Почетна
Политика

Претседателката бара ЕУ да биде како објективен брокер

Претседателката бара строги правила за да се исклучат билатералните прашања од процесот на пристапување.

·Политика
Претседателката бара ЕУ да биде како објективен брокер

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова побара од Европската унија да делува како објективен брокер и да ги применува европските правила, принципи и вредности доследно, нагласувајќи дека Македонија на патот кон ЕУ бара пристапување засновано врз заслуги, а не привилегии или пониски стандарди. Нејзиното обраќање беше дел од дебатата во Собранието за извештајот на Европската комисија за земјата.

Јасност за билатералните прашања и предвидливост на процесот

Според претседателката, сега не постои предвидливост на процесот, границата меѓу критериумите за пристапување и билатералните прашања е нејасна, и нема институционални гаранции дека исполнувањето на условите ќе донесе напредок во преговорите. „Од ЕУ очекуваме како објективен брокер да стави јасно до знаење, преку стриктни правила, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација, како за другите така и за нас“, рече претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова.

Евроамбасадорот Михалис Рокас нагласи дека Македонија е меѓу државите со највисока подготвеност и ги наведе позитивните и негативните страни во извештајот на Комисијата. Тој посочи дека следната фаза зависи од уставните измени и реформите, дека за судството и обвинителството се потребни повеќе средства во буџетот и го осуди насилството врз жените. Ги повика пратениците да се договорат за двотретинско мнозинство потребно за реформските закони. „Верувам дека сите овде присутни ја споделуваат целта кон ЕУ. Критичните реформи од правосудството ќе ја рефлектираат оваа порака, тоа значи, владеење на правото, Изборниот законик и уставните измени. Сето ова ќе покаже дека имаме обединет фронт во Собранието кога станува збор за евроинтеграциите“, рече Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Во еден момент, претседателот на СДСМ побара помош од евроамбасадорот за, според него, „пропагандата со која власта ги претставува како предавство чекорите што СДСМ ги презема кон членство во ЕУ.“ На тоа Рокас не одговори, туку на репликата реагираа пратениците од ВМРО‑ДПМНЕ. „Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? – Има ли предавство зад уставните измени или нема? – Треба помош од вас? – Нам ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска Унија ѝ треба помош“, рече Венко Филипче, претседател на Национален совет за евроинтеграции.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, му одговори дека меѓународна арбитража може да има во билатералните прашања, но не и во внатреполитичките препукувања. Тој додаде дека најголем тест за евроинтеграциите сега ќе биде Црна Гора и дека случувањата околу нивниот влез во Унијата ќе бидат показател за сите останати земји‑кандидати.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи