Превозниците го откажаа протестот на 14 септември и ќе бараат решение преку ЕУ
По средба посредувана од Мисијата на ЕУ во Белград, Макам-транс соопшти дека најавената блокада е привремено стопирана.

Превозниците од четири држави на Западен Балкан ги откажаа најавените блокади на граничните премини за 14 септември 2026 година и ќе бараат решение преку институциите на Европската унија, соопшти Асоцијацијата Макам-транс на 11 септември 2026 година.
Одлуката е донесена по средба со претставници на дел од државите членки на шенген-зоната, организирана преку Мисијата на Европската унија со седиште во Белград. На состанокот учествуваа претставници на превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Позицијата на превозниците
- На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ и искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање на соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген Зоната подолг од 90/180 дена до изгласување на новата визна стратегија во втората половина на 2027 година.
Сите подготовки за спроведување на протестот се ставени вон сила на одреден период, велат од Макам-транс, нагласувајќи дека ваквиот потег има за цел да се спречат попречувања во синџирите на снабдување со стоки кон пазарите на ЕУ додека траат преговорите.
Претходно, на 1 септември, превозниците од регионот одржаа предупредувачки протест како притисок за решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенген-зоната.
Асоцијацијата најави дека ќе продолжи да се залага за брзо техничко или правно решение кое би го олеснило работењето на возачите преку граници додека не се изгласа новата визна стратегија во втората половина на 2027 година.
Фото: Архива


