Превозниците од Западен Балкан ќе чекаат до 1 септември — исходот во Брисел ќе одреди дали ќе има протести
На регионалната средба во Скопје превозниците побараа строга примена на правилото 90/180 и дадоа рок до 1 септември за исход од состанокот во Брисел; проблемот ги засега околу 17 000 возачи во земјава и 100 000 во регионот.

Здруженија на превозници од Западен Балкан договорија да почекаат до 1 септември, кога е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија во Брисел. Од исходот на тој состанок ќе зависи дали ќе преминат кон протести поради ограничениот престој на професионалните возачи во земјите од шенген-зоната.
На регионалната средба во Скопје денеска асоцијациите ги усогласуваа ставовите за примената на правилото 90 дена во период од 180 дена и побараа јасни и предвидливи механизми кои ќе важат за професионалните возачи.
Барање за прецизен рок и непроменет договор
Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“, истака дека превозниците не сакаат конфронтација, но ќе реагираат доколку бидат принудени. „Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите, превозниците, но ако сме принудени, ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши“, изјави Муратовска.
Од Србија, Неџо Мандиќ нагласи дека одлуките за евентуални протести се преземени во земјите и на ниво на управни одбори. Тој подвлече дека превозниците не сакаат протести поради влијанието врз општеството: „Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи“, рече Мандиќ, но предупреди дека ќе бидат принудени да излезат ако не се најде решение.
Здруженијата јасно кажаа дека не бараат промена на договорот за престој во шенген-зоната, туку бараат строго почитување на правилото 90/180 — „минутата да биде минута, часот да биде час“ — и побараа прецизен рок кога прашањето ќе биде решено. Мандиќ укажа дека веќе постои сериозен проблем бидејќи околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат поради неизвесноста на граничните премини.
Проблемот, според проценките, се однесува на околу 17 000 професионални возачи во земјава и приближно 100 000 во земјите од Западен Балкан. Македонските и возачите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се соочија со потешкотии од крајот на минатата година, откако почна воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија (ЕЕС), според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Министерот за транспорт Александар Николоски во јули изјави дека земјава ги решава овие прашања преку билатерални преговори со држави од ЕУ, затоа што, според него, темата се злоупотребува за политички цели. Тој додаде дека договори кои делумно ги решаваат проблемите се постигнати со Хрватска, Швајцарија и Романија, а решенијата од разговорите со Словенија, Австрија и Германија се во завршна фаза.
Фото: прес-материјал од настанот