Почетна
Македонија

Прифаќаме преговори со институциите на ЕУ, но не и со Бугарија – Левица за понудата на Мицкоски

Партијата вели дека билатералните преговори со Софија се политички став, а не неутрална процедура; инсистира на преговори преку институциите на ЕУ.

·Македонија
Прифаќаме преговори со институциите на ЕУ, но не и со Бугарија – Левица за понудата на Мицкоски

Опозициската партија Левица денеска ги отфрли предлогот на премиерот Христијан Мицкоски опозицијата да биде вклучена во дијалогот со Софија, нагласувајќи дека ја поддржува идејата за преговори со институциите на Европската Унија, но не и билатералните преговори со Бугарија како услов за евроинтеграција.

Предлогот Мицкоски го даде од собраниската говорница како одговор на прашање од пратеничката Арбана Пашоли од коалицијата „Европски фронт“ (водена од ДУИ) за стратегијата на Владата за деблокирање на процесот и отворање преговарачки поглавја.

„Во овој дијалог што го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно тоа ќе го почитуваме“, рече премиерот, додавајќи дека претставниците на опозицијата ќе бидат присутни на сите состаноци.

Во реакцијата Левица истакна дека преговори со Бугарија не се исти како преговори со ЕУ и дека прифаќањето на билатерални преговори со Софија претставува политички став, а не неутрална и стандардна процедура. Партијата го оцени предлогот како политичка манипулација и извртување на поимот „национално единство“.

„Сосема легитимна е позицијата да се поддржува членството на Македонија во ЕУ, но истовремено да се отфрлаат билатералните преговори со Бугарија како услов за евроинтеграција, притоа инсистирајќи преговорите да се водат исклучиво на инстанци на Унијата, односно, во рамки на официјалните институции и преку механизми на Унија“, порачуваат од Левица.

Контекст: преговорите почнаа и се водат дипломати

Дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за приближување на ставовите за отворените прашања започна по средбата на 8 октомври во Софија меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова. Состанокот дојде по совет од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која претходно беше во посета на државата.

По средбата Муцунски оцени дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера, но без решение за суштинските прашања. Петрова-Чамова рече дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени. Таа додаде дека треба да се изгради чувство на доверба меѓу двете држави и констатираше: „Најдобрата гаранција за Северна Македонија е исполнување на обврските од 2022 г.“

Премиерот Мицкоски на 10 октомври рече дека се радува што дијалогот почнал и дека очекува да продолжи: „Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста на демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение.“

Левица подвлекува дека не е против преговори со институциите на ЕУ, туку инсистира на директни и суштински преговори со институциите на Унијата, во кои Македонија настапува како рамноправен субјект со свои позиции и државни интереси.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи