Почетна
Македонија

Примањата на третина од пензионерите се скромни — државата треба да најде начин да им помогне

Околу 93.000 од 253.000 пензионери земаат под 24.000 денари; усогласувањето по комбиниран модел носи околу 3% покачување.

·Македонија
Примањата на третина од пензионерите се скромни — државата треба да најде начин да им помогне

И покрај законски предвидените редовни усогласувања, примањата на околу една третина од пензионерите во Македонија остануваат скромни, порачуваат од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Податоците покажуваат дека околу 93.000 од вкупно 253.000 пензионери земаат помалку од 24.000 денари, а просечната пензија во јуни изнесува 28.103 денари.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот, нагласува дека освен пензиските механизми, државата може да примени и мерки надвор од пензискиот систем за да се помогне на најслабо платените корисници. "Значајно за пензионерите, особено за пензионерите со пониски пензиски примања се и мерки надвор од пензискиот систем, а тоа значи дека може да се даде и одредена помош на пензионерите со пониски пензии бидејќи во моментот таа бројка актуелна изнесува 93.000 корисници на пензија, што сепак како податок во вкупната структура на пензионери не е за занемарување", вели Трајкова.

Како ќе се пресметува следното усогласување

Премиерот вчера соопшти дека редовното усогласување за септемвриската пензија ќе се прави процентуално, согласно законот, а не линеарно како што беше во последните две години. Тогаш, во тек на четири усогласувања, сите пензионери добија подеднакво покачување во вкупен износ од 7.000 денари.

Според комбинираниот модел, процентот на зголемување се добива како збир од две компоненти: 50% од порастот на трошоците на живот во претходното полугодие и 50% од порастот на просечната плата во истиот период. Со оглед на податоците, се очекува ова усогласување да биде околу 3%, што практично значи дека повисоките пензии ќе добијат поголемо номинално покачување.

Пензионерските организации бараат и измени во термините за усогласување: "Да, пензиите да се усогласуваат два пати во годината, но од 1 јануари и од 1 јули, а не како што е сега од 1 март и од 1 септември бидејќи на овој начин се кратат усогласувања тековно за четири месеци во годината и да бидам пак конкретна, тоа е за јануари, февруари, јули и август. А, пензиите треба да се усогласуваат и тековното усогласување да си го остварат пензионерите за цели 12 месеци", вели Трајкова и повикува на вклучување на ваквите предлози во законските измени што следат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи