Почетна
Македонија

Притисоци врз вработените во Клиничката болница Битола по судските пресуди

Синдикат: бараат исплата на рати и откажување од камати; директорката ги отфрла обвинувањата.

·Македонија
Притисоци врз вработените во Клиничката болница Битола по судските пресуди

Вработени во Клиничката болница Битола, кои добиле судски пресуди за неправилни пресметки на плати и неисплатена прекувремена работа, тврдат дека раководството врши притисоци да прифатат исплата на рати и да се откажат од каматите. Независниот медицински синдикат објави дека имало закани со преместување во други одделенија и со намалување на дежурствата, а дел од членовите доставиле писмени изјави за притисоците.

Синдикат тврди притисоци; директорката отфрла обвинувања

Горан Ристески од Независниот медицински синдикат рече дека одделни вработени биле информирани дека ќе бидат прераспоредени во одделенија каде што нема да ги имаат платните додаци, што би ги намалило нивните примања и би влијаело на работата на болницата. „-Има форми на притисок, барање за откажување на членовите наши, со посочување дека ќе бидат прераспоредени во други одделенија во Клиничка болница Битола, каде што нема да ги имаат тие додатоци на плата, што ќе влијае и на процесот на Клиничката болница. Имаме изјави доставени до Независниот синдикат дека се прави притисок врз нив,“ рече Ристески.

Според синдикатот, поради неправилни пресметки на платите и додатоците, вработените низ годините биле оштетени за суми од 50 до над 100 илјади денари и инсистираат тие побарувања од пресудите да им бидат исплатени во целост, без закани и притисоци. Додадоа дека повеќе пати се обиделе да се сретнат со директорката, но без успех.

Ристески додаде дека проблемот не е само во Битола: „-Во Клиничка болница Тетово имаме проблем и во Клиничка болница Битола. Во други установи од здравствената дејност немаме проблем, дури доаѓаме и до спогодби. Во Клиничка болница Битола, инаетот на низа директори наназад доведе до тоа да имаме големи судски побарувања за адвокатски услуги и трошоците за самата постапка, кои се поголеми од она што го побаруваат вработените,“ додава Ристески.

Министерот Сашо Клековски немаше коментар за делот околу притисоците, но потврди дека јавните здравствени установи се соочуваат со голем број тужби и дека се бара начин проблемот да се реши во соработка со синдикатите. „-Делот за притисоци не можам да го коментирам. Тужби на вработени има најмногу во здравствени установи каде што има најмала продуктивност,“ рече Клековски.

Директорката на Клиничката болница Битола, Ненси Лозанче, категорично ги отфрла обвинувањата за притисоци и закани. Таа вели дека само ги замолила вработените исплатата да биде на рати и негира дека побарала да се откажат од каматите или дека им се заканувала со преместување. Болницата соопшти дека досега две вработени спогодбено прифатиле исплата на рати, додека третата, пензионерка, не се согласила на спогодба.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи