Продолжена целосна забрана за движење во шумите во септември 2026
Целосна забрана за движење во шумите управувани од ЈП Национални шуми – Скопје ќе важи од 1 до 30 септември 2026 година како превенција од шумски пожари.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП Национални шуми – Скопје и согласно член 57, став 3 од Законот за шумите, даде согласност за продолжување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата што ја стопанисува јавниот претприемач.
Забраната важи во периодот од 00:00 до 24:00 часот, и стапува на сила од 01.09.2026 година до 30.09.2026 година, со образложение за зголемена опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за: Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП Национални шуми, субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите, и за лица што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои управува ЈП Национални шуми - Скопје.
Како ќе се издаваат дозволите
Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП Национални шуми – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат. За движење низ парк-шумите (на пр.: Водно) и Националните паркови, граѓаните треба да се информираат кај правните субјекти кои управуваат со тие територии за евентуални локални правила и исклучоци.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП Национални шуми кои вршат дејност заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи.
Фото: прес-материјал од настанот