Почетна
Македонија

Проект во Велес: одгледување лековити билки како работа за лица со попреченост

Здружението на лица со церебрална парализа во Велес обучи 50 учесници за одгледување и преработка на пет билки.

·Македонија
Проект во Велес: одгледување лековити билки како работа за лица со попреченост

Во Велес се реализира проект кој ја истражува можноста за одгледување и преработка на ароматични и лековити билки како начин за продуктивно вработување на лицата со попреченост.

Проектот, спроведен од Здружението на лица со церебрална парализа од Велес и носечки наслов „Лица со попреченост одгледуваат органски лековити билки“, вклучи 50 лица кои беа обучувани за техника на одгледување и основна преработка.

Обука со фокус на практична работа

Од Здружението посочуваат дека можностите за вработување на лицата со попреченост се ограничени во Македонија и во регионот, а одгледувањето билки е една од опцијите кои можат да придонесат за развој на вештините, моториката и способноста за самостоен живот.

„Теоретски не можевме да учиме како се одгледуваат 20 билки, колку што ги има во прирачникот. Во практиката работевме со пет билки: лаванда, рузмарин, босилек, невен и жалфија, како се користат и какво е нивното дејство. На нашите површини, каде што ги засадивме, практично покажавме како се одгледуваат, а потоа и како се обработуваат. Потоа, во нашите простории, каде што имаме апаратура, можеше да се види нивната преработка во дестилати и чаеви“, кажа Јордан Бајрактаров, координатор на проектот.

Учесниците имаа можност да работат и на отворени површини каде биле садени билките, и во просториите на здружението каде беше демонстриран процесот на преработка. Организаторите велат дека моделот може да се прошири и да овозможи повеќе луѓе да добијат стабилна и смислена работа, додека развиваат практични земјоделски и преработувачки вештини.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи