Променет сообраќаен режим во Скопје поради 22. Виз Ер Скопскиот маратон
Дел од улиците ќе бидат затворени денеска од 6:00 до 14:00, а возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни правци.

Дел од улиците и булеварите во Скопје денеска од 6:00 до 14:00 часот ќе бидат затворени за сообраќај, а возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни сообраќници, поради одржувањето на 22. Виз Ер Скопскиот маратон.
Сообраќајот по улиците и булеварите опфатени со трасата на маратонот ќе биде пренасочуван по алтернативни сообраќајници.
Затворен за сообраќај ќе биде потегот од Рекорд, односно улиците "Македонија" и "Димитрие Чуповски", продолжувајќи по булеварот "Митрополит Теодосиј Гологанов" и улицата "Васил Чакаларов" до реонот на Хром.
Други опфатени правци
Затворени ќе бидат и делови од улицата "11 Октомври", односно потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите "Крушевска Република" и "Трета македонска бригада", до делот кај Американ колеџ.
Во Аеродром, со посебен сообраќаен режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот "Јане Сандански", до раскрсницата со булеварот "Србија".
На посочените сообраќајници возачите ќе треба да користат алтернативни правци, а конкретното пренасочување ќе се врши во зависност од движењето на тркачите. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите да го избегнуваат движењето по трасите во периодот од 6:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите и насоките на униформираните полициски службеници на терен.
Организаторите ги замолуваат граѓаните за разбирање поради привремениот сообраќаен режим и ги повикуваат навреме да го испланираат своето движење во недела, со избор на алтернативни сообраќајни правци каде што е потребно.
Фото: прес-материјал од настанот


