Први приведувања по бруталниот групен напад врз 13-годишно момче во Влае – му ги искршиле забите со боксирач
Три малолетни лица се повикани на распит, а уште три ќе бидат товарени како осомничени по нападот на плоштад „Делфина“.

Првите приведувања по бруталниот групен напад во Влае оставија 13-годишно дете сериозно повредено и со скршени два заба.
Инцидентот се случил на плоштадот „Делфина“ во Влае околу 00:30 часот, од сабота кон недела. Мајката го пријавила настанот во полиција следниот ден, откако го згрижила и го однела детето на лекари за помош.
Соопштение од МВР
МВР: "На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот."
Досега на распит се повикани три малолетни момчиња со родителите, а уште три ќе бидат повикани како осомничени за групен физички напад, потврди полицијата.
Мајката вели дека во нападот учествувале најмалку 15-тина деца, меѓу кои едно го познавало нејзиниот син. Тој бил "избран" за жртва, почнале да го удираат, а еден од напаѓачите употребил боксирач со кој му се искршиле два заба. Лекарите го упатиле на дополнителни прегледи на радиологија, неврохирургија и максилофацијална хирургија.
Мајката раскажа дека детето првично се криело од страв да не биде повторно нападнат ако се пријави инцидентот. „Немало причина, едноставно е довикнато- е, овој може. И тргнал накај него, му удрил шлаканица и го пикнал во кругот меѓу групата и почнале буквално, покажуваше синот, да го буткаат и подаваат како топка еден кон друг и во тој момент скокнале сите кон него. Еден му викал на силен тон му викал и почнал да му удира боксови.“
„Најстрашно е што е употребен боксирач,“ вели мајката на нападнатото дете.
Полицијата истакнува дека случајот се расчистува. Ова е уште еден инцидент во низата каде што и жртвите и насилниците се малолетници: пред десет дена дете беше нападнато во училишен двор кај Бит пазар, на почетокот на месецот имаше сличен случај во Ѓорче Петров, а најбруталниот беше нападот врз 13-годишно момче во Чаир кое беше избодено со нож и по едномесечна борба за живот им подлегна на повредите.
Фото: прес-материјал од настанот


