Работници од Бангладеш, Турција и Непал го освојуваат македонскиот пазар на труд
Агенцијата за вработување регистрира раст на барањата за работна сила од трети земји; синдикатите ги поврзуваат проблемите со ниските плати и лошите работни услови.

Македонските работодавачи сè почесто бараат кадар во странство, а најновите податоци од Агенцијата за вработување го потврдуваат растот на интересот за работници од трети земји. За периодот од 1 јануари до 19 август 2026 година, Агенцијата издала 1.837 мислења за работници од Бангладеш, 1.257 за Турција, 787 за Непал, 323 за Индија и 46 за Пакистан.
Агенцијата објаснува дека според законските надлежности ја проверува исполнетоста на условите, меѓу кои и квотите и состојбата на пазарот на труд, и доставува мислење до Министерството за внатрешни работи во постапката за регулирање на престојот на странец по основ на работа. Дури откако ќе бидат исполнети и другите законски услови, МВР носи решение за регулиран престој по основ на работа.
За помал број странци кои имаат регулиран престој по друг основ, Агенцијата е надлежна и за издавање работна дозвола. Такви дозволи во период од седум и пол месеци се издадени: за турски државјани 47, за Непалци три, додека за Индијци има четири работни дозволи. Анализите на Агенцијата покажуваат дека најголема побарувачка за странска работна сила има во градежништвото, преработувачката индустрија, секторот за сместување и послужување храна и во трговијата на големо и мало.
Што е со нашите невработени и со работниците на црно?
На веб-страницата на Агенцијата за вработување има огласи за околу 11.000 работни места, а истовремено има повече од 8 пати невработени. „Бројот на невработени лица, според последните податоци на Државниот завод за статистика, изнесува 90.020 лица. Ако на ова се додадат и 101.022 неформално вработени лица, тогаш сосема оправдано се поставува прашањето: зошто увезуваме работна сила од трети земји ако во Македонија сè уште имаме неискористен домашен работен потенцијал? Прашањето е уште посериозно ако се има предвид структурата на неформалната вработеност. Повеќе од половина, односно 51.487 лица, се ангажирани во земјоделството, додека градежништвото учествува со 17,2 отсто од вкупниот број неформално вработени. Токму во овие дејности најчесто се посочува потребата од дополнителна работна сила од трети земји. Затоа, пред да се зборува за увоз на работници, државата и работодавачите мора да одговорат на едно клучно прашање: зошто овие работни места не се пополнуваат со домашни работници?“ – вели Слободан Трендафилов.
„Не може да се очекува домашен работник да прифати работа за плата од која не може достоинствено да живее, а истовремено да се тврди дека решението е увоз на работници од странство. Особено е лицемерно ако на странските работници работодавачите им обезбедуваат превоз, сместување и храна за да ги привлечат и да ги задржат, а истите или слични услови не им се обезбедуваат на домашните работници. Синдикатот не е против странските работници. Напротив, секој работник, без разлика од каде доаѓа, мора да има достоинствена плата и заштита на работничките права. Но, увозот на работна сила не смее да биде инструмент за намалување на цената на трудот во Македонија. На крајот, мора да бидеме свесни и за фактот дека Македонија многу често е само транзитна дестинација за работници од трети земји, кои по одреден период продолжуваат кон западноевропските држави, каде што платите и условите за работа се значително подобри“ – додава Трендафилов.
Владата за 2026 година утврди квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани: 9.750 за редовно вработување, 200 за упатени странци и 50 за сезонски ангажмани. Во рамките на редовното вработување, 4.500 дозволи се предвидени за нови работници, а 5.250 за продолжување на ангажманот на странци што веќе работат во земјава. Квотата не треба да се чита како дозвола за внесување 10.000 нови луѓе во една година.
Минатата година Агенцијата за вработување издала 8.509 позитивни мислења за работни дозволи, а Министерството за внатрешни работи одобрило 6.128 дозволи за привремен престој на странски работници. Во исто време се случува и обратен процес: македонски граѓани заминуваат во странство во потрага по подобро платени работни места, додека дел од празните позиции се пополнуваат со работници од други држави. Прашањето не е само колку странски работници ќе дојдат, туку и зошто домашната економија не успева да ги задржи или да ги активира сите луѓе што ѝ се потребни.
Фото: Профимедиа