Рашида Дати изведена пред суд во Париз поради обвиненијата за корупција
Поранешната министеркa е обвинета дека примила 900.000 евра од подружница на Рено-Нисан и ја чека можна затворска казна до 10 години.

Поранешната француска министка Рашида Дати денеска беше изведена пред суд во Париз поради обвиненија за корупција поврзани со нејзината соработка со автомобилската група Рено-Нисан.
Според обвинителите, Дати (60) примила 900.000 евра (770.000 фунти) како адвокатски хонорари од подружница на Рено-Нисан со седиште во Холандија во периодот кога била членка на Европскиот парламент. Нивните тврдења се дека парите всушност биле плаќање за незаконско лобирање; нејзината одбрана вели дека таа работела „исклучиво“ како адвокатка и ги отфрла сите обвинувања. Судот треба да утврди за што биле исплатени средствата.
Истражувањето и пронајдениот договор
Дати е под истрага од 2019 година поради сомневањето дека нелегално лобирала за Рено-Нисан помеѓу октомври 2009 и февруари 2013, додека била европратеничка. Обвинителите посочуваат дека договорот за правни услуги од 2009 година, според кој Дати наводно добивала годишен хонорар од 300.000 евра, бил искористен за прикривање на лобистичката работа. Истражителите го пронашле тој договор при претрес во седиштето на Рено во 2019 година, по апсењето на Карлос Гон во Јапонија.
Дати ја чека судење заедно со поранешниот шеф на сојузот Рено-Нисан, Карлос Гон, кој ќе се суди во отсуство. Гон (72) беше приведен во Јапонија во ноември 2018 година поради наводи за финансиски злоупотреби во посебен случај и подоцна избега во Либан; тој ги негира обвинувањата и за случајот во Јапонија и за случајот поврзан со Дати.
Дати, која е градоначалничка на 7-миот арондисман во Париз и една од најпознатите личности на француската десница, беше првата жена со северноафриканско и муслиманско потекло што зазеде висока функција во француската влада кога беше именувана за министеркa за правосудство од Никола Саркози. Подоцна се врати во владата како министеркa за култура под Емануел Макрон и годинава се кандидираше за градоначалничка на Париз, но изгуби од социјалистот Емануел Грегоар.
Ако биде прогласена за виновна, Дати се соочува со до 10 години затвор и парична казна до 450.000 евра, како и можна петгодишна забрана за вршење јавна функција.
Нејзините адвокати рекоа дека обвиненијата се неосновани: „Неоснованите обвинувања за тргување со влијание во Европскиот парламент произлегуваат од вештачка интелектуална конструкција осмислена од обвинителството.“ Покрај овој случај, Дати е предмет и на друга истрага за речиси 300.000 евра непријавени исплати од енергетската група ГДФ Суец додека била европратеничка, а обвинителите лани истражуваа и наводи дека не пријавила накит и часовници во вредност од 420.000 евра при преземањето на министерската функција. Таа ги негира сите неправилности.
Фото: EPA/OLIVIER FITOUSSI ISRAEL OUT


