Почетна
Македонија

Распишан претквалификациски тендер за проектот БРТ во Скопје

Градоначалникот Орце Ѓоргиевски најави повик до компании до 2 ноември и рече дека се надминати пречките за почеток на реализацијата.

·Македонија
Распишан претквалификациски тендер за проектот БРТ во Скопје

Градот Скопје распиша претквалификациска постапка за проектот за Брз автобуски превоз (БРТ), соопшти градоначалникот Орце Ѓоргиевски во видеообраќање, означувајќи пресвртница од фазата на подготовки кон конкретна реализација.

Рок за аплицирање и повик до компании

Ѓоргиевски информира дека процесот на аплицирање трае до 2 ноември и ги повика сите заинтересирани компании од земјата и од регионот да аплицираат за да се обезбеди што поголема конкуренција.

„Беше навистина тешко изминатиот период да се надминат сите пречки и предизвици кои беа поврзани со овој проект, но благодарение на целиот тим во градот Скопје, благодарение на ЕБОР и поддршката која што ја добивме, поддршката од претседателот на Владата, конечно денеска е распишаната тендерска постапка“, рече Ѓоргиевски.

Градоначалникот го оцени БРТ како еден од трите клучни проекти поврзани со градскиот транспорт и рече дека се приближуваат до крајот на подготовките што ќе овозможат влез во фазата на проектирање и изведба.

„Конечно една од трите важни работи за скопјани, поврзани со градскиот транспорт доаѓа до својот фотофиниш, а тоа е БРТ. Иако многумина не веруваа дека ќе има извесност целиот проект и дека ќе започнеме со реализацијата, сепак доаѓаме на крајот од подготовките за да започнеме со проектирање и изведба на истиот“, додаде тој.

Ѓоргиевски посочи дека е завршена постапката за набавка на 100 нови автобуси и дека тече рокот на нивна испорака. Според него, заедно со БРТ‑линиите и планираните градски железнички поврзувања, ќе се создадат предуслови за модерен и еколошки јавен превоз во главниот град.

„Ќе има повеќе алтернативи за граѓаните, еколошки транспорт којшто ќе ги натера, верувам и убеден сум во тоа, граѓаните да користат алтернативи надвор од своите автомобили. Нека е аирлија отпочнувањето на процесот и верувам дека до крајот на овој мој мандат скопјани ќе можат со задоволство да го користат и овој проект, а тоа е БРТ во нашиот главен град“, рече Ѓоргиевски.

Во јули, по работна средба со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предводен од директорот Фатих Туркменоглу, градоначалникот изјави дека се завршени финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимизацијата на проектот. Власта, на крајот од март, донесе одлука за поддршка на Град Скопје за реализација на БРТ‑проектот, кој треба да се финансира со заем од 70 милиони евра од ЕБОР; средствата ќе бидат трансферирани од Владата за Град Скопје во вид на неповратни средства.

Проектот предвидува изградба на две линии (исток–запад и север–југ), набавка на ЦНГ/хибридни нископодни БРТ‑возила, патнички информативен систем, паметни станици и интеграција со системот за управување со сообраќајот во градот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи