Почетна
Македонија

Расте бројот на пациенти кои бараат помош поради психолошки последици од семејно и партнерско насилство

101 случај во првите седум месеци од 2026 година, повеќе од 79-те регистрирани во текот на целата 2025 година.

·Македонија
Расте бројот на пациенти кои бараат помош поради психолошки последици од семејно и партнерско насилство

Клиниката за психијатрија во Скопје забележува зголемен број пациенти кои побарале помош поради психолошки последици од семејно и партнерско насилство: 101 случај е евидентиран во првите седум месеци од 2026 година, наспроти 79 случаи за целата 2025 година.

Податоците беа презентирани на предавање во рамки на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 во Охрид, на сесија со наслов „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици врз менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“.

Професор доктор Славица Арсова од Клиниката за психијатрија посочи дека најмногу случаи биле регистрирани во март (27 пациенти), април (23) и јуни (21). Арсова нагласи дека овој пораст се поклопува со случајот во Скопје кога мајка заедно со своето дете скокнаа од балкон по долгогодишно семејно насилство.

Истражувањето вклучува ретроспективен преглед на записите во системот „Мој Термин“ за периодот јануари 2025 – јули 2026, фокусирано на пациенти со дијагнози поврзани со растројства од стрес.

„Податоците треба да се толкуваат како евидентирани медицински случаи и не мора нужно да значат дека семејното насилство во општеството е во пораст. Бројките може да се должат и на подобро препознавање и документирање на случаите, како и на поефикасно упатување на пациентите кон здравствените установи“, порача доктор Славица Арсова.

Анализата покажува просечна возраст од 40 години; биле евидентирани 19 лица помлади од 18 години и 29 лица постари од 60 години. Жени биле застапени околу трипати повеќе од мажите. Податоците на Клиниката го дополнија и статистичкиот приказ на Министерството за внатрешни работи, според кој пријавите за семејно насилство пораснале од 4 421 во 2022 година на 5 436 во 2025, а како жртви најчесто се евидентирани сопруги и поранешни брачни партнери.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи