Разбиена криминална група во Прилеп, 21 лице ќе бидат опфатени со пријавата
МВР и Јавното обвинителство по голема операција со 30 претреси пронајдоа готовина и луксузни возила, истрагата има и меѓународна димензија.

Во Прилеп е разбиена организирана криминална група, а во првичната кривична пријава треба да бидат опфатени околу 21 лице, соопштија надлежните.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостување на Радио Лидер, рече дека МВР во координација со Јавното обвинителство и странски партнерски служби на случајот работело повеќе од една година.
„Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група којашто добар дел од таа организирана криминална група повеќе од 15-тина години го правела тоа што го правела и биле недопирливи за органите на прогон“, истакна Тошковски.
Одземања и меѓународни траги
Во рамките на вчерашната акција беа извршени околу 30 претреси. При претресите била пронајдена готовина во износ од над 120.000 до 130.000 евра, а одземени се и околу десет возила, меѓу кои две „масерати“ и две „ленд ровер“. За едно од возилата постојат сомнежи дека е поврзано со фалсификувана документација.
Истрагата покажува меѓународна димензија: според Тошковски, дел од групата дејствувал на територијата на Грција, особено на Халкидики и во Калитеа, каде што се истражуваат кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби. Дел од осомничените, исто така, имале активности во Шпанија.
Едно лице кое било во куќен притвор во Шпанија успеало да побегне, но подоцна било обезбедено од македонската полиција и процесуирано. Тошковски додаде дека пред неколку месеци член на најтесното семејство на еден од осомничените бил уапсен во Франција; во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, за кои според изнесените информации целта била да бидат донесени во Македонија.
Истрагата опфаќа и сомнежи за полициска соработка со криминалната група: проверувајќи информации, биле извршени претреси и кај неколку полициски службеници. Истражителите ја проверуваат и имотната состојба на осомничените и евентуални случаи на перење пари; една од трагите води кон купопродажба на имот во Србија.
МВР најави дека, покрај утврдување на кривичната одговорност, ќе се испитува и потеклото на имотот на осомничените со цел имотот утврден како стекнат со криминални активности да биде конфискуван. Истрагата продолжува во координација со Јавното обвинителство и со странските служби кои учествуваат во случајот.
Фото: прес-материјал од настанот


