Почетна
Македонија

Реакции околу планираниот дата-центар во Пехчево: загриженост за животната средина

Советниците во Пехчево ќе гласаат за иницијатива за урбанистички проект за дата-центар во с. Панцарево; инвеститорот не е откриен и растат прашањата за влијанието врз животната средина.

·Македонија
Реакции околу планираниот дата-центар во Пехчево: загриженост за животната средина

Советот на општина Пехчево денеска треба да ја разгледува иницијативата за изработка на урбанистички проект за објект наменет за чување и складирање на дигитални податоци на пет парцели во селото Панцарево, предложено решение што веќе предизвика реакции од граѓани, иницијативи и политички партии бидејќи инвеститорот не е објавен.

Недостаток на податоци и стравувања за животната средина

Граѓанските групи и локалните жители велат дека процесот се одвива без објавени студии за влијание, без анализа и без јавна дебата. Се поставува прашањето кои трошоци и обврски ќе останат кај општината и жителите и како проектот ќе влијае врз водата, енергијата и природата во Малешевијата.

Иницијативата „Зелена народна стража" го повика градоначалникот Александар Китански да одговори кој сака „од зелената оаза на Македонија, да направи пустина" и побара повеќе транспарентност и вклученост на локалната заедница.

Од политичката партија ДОМ реагираа со став: "Недозволиво е за проект со потенцијално сериозно влијание врз водата, енергијата, природата и локалната заедница да се одлучува зад затворени врати, без доволно информации, јасни анализи и вклученост на експертите граѓаните". Од ДОМ додаваат дека "дигиталниот развој не смее да биде изговор за нетранспарентност и игнорирање на јавниот интерес".

Партијата Левица во својата реакција предупреди на потенцијалната голема потрошувачка на електрична енергија и вода и побара конкретни одговори: "Китански треба да објасни зошто Пехчево треба да го става својот простор, електричната енергија, водата и инфраструктурата во функција на дата-центар, наместо тие ресурси да се насочат кон развој што ќе носи реална и трајна корист за локалното население. Ако станува збор за инвестиција што наводно ќе му донесе развој на Пехчево, нека покаже колку работни места ќе останат по изградбата, колку приходи ќе има општината, колку струја и вода ќе се троши и колкав ќе биде јавниот трошок за нејзиното функционирање".

Еколошките организации посочуваат и на економски аспекти: "Иако дата-центрите при изградбата бараат значителен број работници, по пуштањето во употреба тие вработуваат едвај 30 до 50 луѓе (главно за обезбедување, техничко одржување и систем-администратори), а најголемиот дел од заработката завршува кај странските технолошки компании, додека за државата остануваат трошоците за ресурсите и евтиното отстапување на земјиштето, што претставува типичен пример за економски екстрактивизам", реагираа од „Зелен хуман град" во јуни, додавајќи дека регулативите за заштита на животната средина често постојат само формално.

Реакциите доаѓаат неколку месеци по најавата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, дека со измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење ќе се овозможи изградба на дата-центри во земјата. Владата ги прогласи дата-центрите за објекти од национално значење и воведе забрзани процедури во кои стручна ревизија и јавна анкета не се задолжителни, што критичарите го гледаат како причина за дополнителна загриженост и потреба од транспарентен локален дијалог.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи