Ребаланс: помалку пари за пречистителната станица во Скопје и за набавка на гас
Со новото прекројување најголеми намалувања имаат Министерството за животна средина и Министерството за енергетика; Министерството за социјала добива плус средства.

Со вториот ребаланс на државниот буџет се пресекуваат средства за пречистителната станица во Скопје и за планираните набавки на природен гас, додека дел од парите се пренасочуваат кон здравствениот и пензискиот фонд, покажуваат податоците објавени на страницата на Собранието.
Вкупно, буџетот на Министерството за животна средина и на Министерството за енергетика е покус за над 60 милиони евра — двете институции бележат најголеми корекции со ова прекројување. Од Министерството за животна средина велат дека најголем дел од скратувањата се однесуваат на изградбата на пречистителната станица во Скопје и на проекти кои ги реализираат со сопствени средства, при што нагласуваат дека имаат доволно средства за работа до крајот на годината.
Касата на Министерството за енергетика е полесна исто за околу 30 милиони евра. Од таму посочуваат дека се работи за средства кои биле планирани за набавка на природен гас, а кои не може да се повлечат.
Причината: ограничени прекугранични капацитети
Во допис од Министерството за енергетика се наведува: "Расположливите прекугранични капацитети на интерконекциската точка меѓу Бугарија и Македонија се сериозно ограничени поради долгорочно резервираните капацитети при што значаен дел од нив се закупени од страна на Газпром но не се достапни за нови корисници."
Други корекции вклучуваат околу 6, 7 милиони евра помалку кај Министерството за здравство, околу 2 милиони евра покуси во Агенцијата за иновации и научно технолошки развој и претприемништво и во Државниот завод за статистика, речиси 5 милиони евра се крати и од парите на Влада, а над 4 милиони евра има помалку и кај ТИРЗ. Пресечено е и од буџетот на Агенцијата за безбедност ОТА, како и од други институции.
Истовремено, со ребалансот се зголемуваат трансферите кон Фондот за здравство и кон пензискиот фонд, а Министерството за социјала добива околу 30 милиони евра плус. Вкупно, прекројувањето ја намалува и страната на приходите и страната на расходите за 86 милиони евра.
Владините претставници тврдат дека дефицитот и јавниот долг нема да се промени поради ребалансот, но домашните експерти предупредуваат дека двете ставки веќе ја надминале поставената „црвена линија": јавниот долг на државата е над 10, 7 милијарди евра или скоро 59 отсто од БДП. Дополнителен товар е и новото задолжување од 150 милиони евра, по камата од 5, 25 отсто, што експертите го оценуваат како повисок трошок од проектираниот раст на БДП од 3, 5 отсто.
По ова второ прекројување, се очекува уште една распределба на средства до крајот на годината.
Автор: Ирена Чачкова
Фото: прес-материјал од настанот


