Почетна
Македонија

Ревизија открива: во Домот 'Пелагонија' кујна вредна 23.000 евра не е евидентирана, набавки по завишени цени

Државниот завод за ревизија: кујнска опрема од декември 2021 за речиси 23.000 евра не е евидентирана; откриени се набавки по повисоки цени и исплати без документација.

·Македонија
Ревизија открива: во Домот 'Пелагонија' кујна вредна 23.000 евра не е евидентирана, набавки по завишени цени

Државниот завод за ревизија утврдил низа пропусти во работењето на државниот студентски дом „Пелагонија“ Скопје: опрема за кујна набавена преку МОН во декември 2021 година во вредност од речиси 23.000 евра не е евидентирана и ја нема во просторите на кујната; јавните набавки се реализирани по цени повисоки од пазарните; и се вршеле исплати без соодветна документација.

Клучни наоди од ревизијата

„Со ревизијата на јавните набавки за свежо месо од 2023 година, преработки на месо, месни производи и риба од 2023 и 2024 година, како и земјоделски производи од 2023 година, ревизорите утврдија дека најчесто е доставена само една понуда, а договорите се склучувани во висина на проценетата вредност без однапред дефинирани количини. Кај редовно набавуваните артикли понудените цени се повисоки од пазарните, додека кај артиклите што не се набавуваат се понудени нереално ниски цени, без да се побара дополнително образложение од економскиот оператор“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите посочуваат серија проблеми кај набавките на храна. Во извештајот е опишано дека кај набавката на леб се појавила и фактурирање поради кое договорената цена од 57,46 денари по килограм била фактурирана како да се однесува на едно парче леб. Поради слабите внатрешни контроли ова било откриено дури кон крајот на 2024 година. По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година се значително намалени во однос на 2024 година. „Ревизијата утврди и дека со новиот договор во 2025 година цената на лебот достигнала 126 денари/кг, што е значително над пазарната цена од околу 70 денари/кг, што укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки“, потенцираше Државниот завод за ревизија.

Проблеми се нотирани и кај набавката на душеци за потребите на студентите. Домот набавил 250 душеци во вредност од 19.000 евра со димензии различни од предвидените во техничката спецификација, без соодветна документација за прием, тие се складирани и не се ставиле во употреба.

„Исто така, утврдивме дека и претходно биле набавени 450 душеци од истиот добавувач, иако постојните биле во добра состојба, а поради тоа што димензиите на креветите се помали од душеците била нарушена стабилноста и статиката на креветите“, забележуваат ревизорите.

Во извештајот се посочени и слабости во однос на бела техника и сервисирања: машина за миење садови што е надвор од употреба била опфатена со договор за сервис, кој е реализиран во целост, што упатува на лошо планирање и можност за непотребни трошоци. Ревизијата изразува сомневање и за трошок од 19.700 евра за сервисирање апарати.

Ревизорите исто така откриле користење буџетски средства за лични потреби: „Во делот на расходите, пак, утврдена е исплата на средства за репрезентација без соодветна поткрепувачка документација, а воедно вршени се набавки на гориво, сервисирање и замена на резервни делови за приватно моторно возило, одобрено да се користи за службени цели, кои не се поткрепени со соодветна веродостојна документација, што укажува на користење буџетски средства за приватни цели“, пишува во ревизорскиот извештај.

Државниот завод за ревизија ги посочува овие недостатоци како индикатори за несоодветни внатрешни контроли, пропусти во постапките за јавни набавки и несоодветно користење на јавни средства во Домот „Пелагонија“ во Скопје. Ревизорите не успеале да ја најдат кујнската опрема набавена преку Министерството за образование и наука во декември 2021 година ниту во материјалната евиденција, ниту во просториите на кујната.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи