Рочи: Македонија секогаш ми е во срцето, но системот мора да се смени
Гентијана Рочи: во Финска нашла втор дом, но домашниот женски фудбал бара инвестирање и организациски реформи.

Гентијана Рочи е и денеска едно од најпознатите имиња на македонскиот женски фудбал, но во интервју за проектот „Женски Спортски Приказни“ таа јасно го постави проблемот: додека самата ја нашла својата кариера и сигурноста во странство, домашниот систем за женски фудбал не му дава шанса тоа да се повтори и со помладите генерации.
Од Струга, преку Германија, до КуПС — кариера и стабилност
Рочи раскажа за патот кој ја однесе од родната Струга до играње во Германија, а од 2019 година и до финскиот клуб КуПС, каде што вели дека нашла стабилност и средина за да го покаже својот максимум. За клубот играше безмалку двесте мечеви и го нарекува свој втор дом.
За почетокот на љубовта кон фудбалот, Гентијана кажа дека сето тоа се случило природно и спонтано. "Искрено, љубовта кон фудбалот ми дојде многу спонтано. Како мала секогаш играв со машки во моето маало и тоа ми беше, искрено да ви кажам, најголема радост. Немаше многу девојчиња што играа, ама тоа никогаш не ме сопре, напротив, ме мотивираше. Во еден момент, кога почнав да тренирам посериозно и кога видов дека можам да се натпреварувам на повисоко ниво, сфатив дека имам потенцијал. Тогаш почнав да верувам дека можам и професионално да се занимавам со фудбал. Тоа можеби е и поради тоа што татко ми исто така професионално се бавеше со фудбал", вели Гентијана Рочи.
Таа истакна дека преминот кон професионален фудбал бил постепен процес — кога настапите и напорната работа почнале да даваат резултат, отвори се и можноста за живот од спортот. "Мислам дека тој момент дојде постепено. Не беше тоа еден момент, туку цел еден процес кој што постепено се случуваше. Кога почнав да играм на клупско ниво, да добивам шанса и увидов дека мојот труд се исплаќа, тогаш реално се отвори и шансата јас да се бавам професионално со фудбал, и што се вели, да живеам од него. Особено, пак, кога дојде можноста да заминам во странство, тогаш веќе немав дилема дека фудбалот ќе биде мојот животен пат", вели Рочи.
За новите искуства во странство таа вели дека првиот голем трансфер во Германија бил пресуден за нејзиниот развој како играч и како личност, а преселбата во Финска ѝ донела стабилност и почитување во клубот.
На тема репрезентацијата, Рочи порачува дека настапот за националниот тим ѝ е чест, но дека реалноста дома е разочарувачка и бара системски промени: "Репрезентацијата на Македонија секогаш ќе има посебно место во мое срце. Огромна чест и гордост за мене е да ја претставуваш државата од каде што потекнуваш, каде што си се родил. Секогаш сум била максимално посветена кога играв за Македонија, од мали нозе, што се вели. Што се однесува до моите настапи во иднина за Македонија, секогаш сум отворена за можноста да помогнам доколку имам сè уште капацитет да го правам тоа.
"Но, мора да разбереме. Мора да се подобрат условите за женскиот фудбал во Македонија воопшто. Мора да има сериозни клубови, инвестиции, спонзорства. Женската фудбалска лига да стане пореспектабилна, поквалитетна. Моменталната состојба е разочарувачка, тоа мора да го кажам.
"Многу од тие млади девојки имаат квалитет, капацитет да напредуваат, да станат подобри и да го остварат својот сон да заиграат во странство. Јас знам дека е тоа можно, но мора напорно да се работи. Реалноста е таа. Македонија не може да им овозможи услови во моментов за да напредуваат.
"Ако сакаме силна репрезентација, мора да се почне од почеток. Да се направи база. Од добро организирани клубови, со квалитетни фудбалерки, кои што ќе имаат можност да го покажат својот талент. За жал, тоа не го гледам во Македонија во моментов. А тоа многу ме боли. Не можам да разберам зошто е тоа така. Нашиот систем едноставно не функционира", поентира една од најдобрите македонски фудбалерки на сите времиња, Гентијана Рочи.
Фото: прес-материјал од настанот