Румен Радев ја претстави надворешнополитичката стратегија на Бугарија до 2030 година
Програмата од 208 страници го става односот со Северна Македонија меѓу приоритетите и предвидува рок за исполнување до мај 2030 година.

Бугарија ги објави целосните насоки на својата надворешна политика до 2030 година, во кои односите со Северна Македонија се именувани како еден од клучните регионални приоритети. Документот, презентиран во првите 100 дена од мандатот на владата, содржи 208 страници и ја поставува основата на меѓународната политика околу членството во Европската Унија и во НАТО, најавувајќи поактивна улога во двете организации.
Во делот „Активна, принципиелна и национално одговорна билатерална дипломатија“ посебно се нагласуваат односите со Република Северна Македонија: поддршката за добрососедски односи е поврзана со исполнувањето на преземените обврски и со реална заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија. За реализација на оваа цел е поставен рок до мај 2030 година.
Проширување и регионална соработка
Покрај Северна Македонија, програмата ја дефинира како приоритет продлабочување на врските со државите од Западен Балкан — Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина — и со Турција. Предвидено е и продлабочување на стратешкото партнерство со Грција и Романија, развој на односите со Кипар и интензивирање на дијалогот со Хрватска.
Во економската дипломатија, меѓу приоритетите се наведените секторите микроелектроника, вештачка интелигенција, одбранбена индустрија и енергетика, како и завршување на процесот за членство во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Планирани се и мерки за поттикнување на враќањето на Бугарите од странство, поддршка за бугарски организации и медиуми во странство и воспоставување единствен меѓуресорски механизам за координирано дејствување при кризи што ги засегаат бугарските граѓани во странство. Во делот посветен на јавната дипломатија е предвидена и анализа на „тенденциозните и негативни наративи“ поврзани со приоритетите на надворешната политика.
Новава стратегија доаѓа во време кога интензивно се водат разговори за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија. Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, во неколку наврати потврди дека има контакти со претставници на земјите членки на ЕУ, со европски институции и со бугарски претставници, при што една од главните теми е надминувањето на спорот што го блокира европскиот пат на Северна Македонија.
„Треба да се стави крај на барањата поврзани со нашиот идентитет, историја, јазик и култура. Сѐ додека постои таква препрека од Бугарија и додека нема јасна поддршка за нашиот европски пат во духот на европските вредности, проблемот останува нерешен“, нагласи тој во интервју за ТВ Сител.
Фото: прес-материјал од настанот