Руте повика на подготовка на граѓаните за можен воен конфликт со Русија
На Парламентарното собрание на НАТО во Берлин, Руте рече дека целото општество треба да биде вклучено во подготовките поради продолжената руска воена закана.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, повика на мобилизација на подготвеноста не само на армиите, туку и на граѓаните, институциите, компаниите и службите поради можноста од воен конфликт, нагласувајќи дека заканата за безбедноста на Европа нема да исчезне со завршувањето на војната во Украина.
На состанокот на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин, Руте рече дека подготовките за одбрана бараат ангажман на целото општество. Тој подвлече дека граѓаните треба да знаат како да постапуваат во кризни ситуации, на кој начин да им помагаат на институциите и како да не го попречуваат работењето на воените и спасувачките служби.
Скандинавски пример
Во говорот, Руте ги наведе Норвешка, Шведска, Данска и Финска како примери на држави кои веќе работат на подготовка на населението за можно влошување на безбедносната состојба. Во овие земји, граѓаните добиваат конкретни упатства за постапување во случај на војна, а во подготовките се вклучени полицијата, здравствените служби, пожарникарите и други институции.
Руте предупреди дека руската воена индустрија работи со полн капацитет и дека воената економија продолжува да расте. „Русија нема да ја запре воената машинерија по завршувањето на конфликтот во Украина“, рече Руте, додавајќи дека НАТО мора да продолжи да инвестира во одбраната и да ја зајакнува подготвеноста.
Тој повика и на поголеми инвестиции во воената индустрија, посочувајќи дека побарувачката за оружје и муниција сè уште ја надминува производствената способност. НАТО очекува следната година да може да произведува околу четири милиони артилериски гранати, речиси двојно повеќе отколку во 2025 година.
Фото: прес-материјал од настанот


