САД и Данска постигнаа договор за безбедноста на Гренланд
Договорот предвидува долгорочни права за САД и забрана за воено присуство или чувствителни инвестиции без писмено одобрение.

САД и Данска објавија договор за безбедноста на Гренланд, со што се разреши дипломатскиот спор што настана по повеќемесечните закани на Доналд Трамп дека ќе го преземе островот. Трамп изјави дека договорот ќе им овозможи на САД трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд.
Што содржи и кого го опфаќа
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека договорот ја зајакнува безбедноста во Арктикот и во областа на Северниот Атлантик, но не наведе конкретни детали што Трамп ги спомена во пораки на социјалните мрежи.
Трамп го опиша договорот како трошковно неутрален за САД и рече дека ќе им овозможи да го сторат она што е потребно за да ја обезбедат и одбранат безбедноста на Гренланд. „Д оговорот не претставува никаков трошок за САД и ќе им овозможи да го направат она што е неопходно за да се обезбеди и одбрани безбедноста на Гренланд. Д оговорот вклучува одредба според која ниту еден противник на САД не може да одржува воено присуство на Гренланд, ниту, пак, да прави чувствителни инвестиции на Гренланд без наше писмено одобрение“, кажа Трамп.
Потпретседателката на данската влада потврди дека договорот ќе биде потпишан на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела, а претседателот на владата на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, го поздрави договорот: „ Задоволство е што склучуваме договор кој ја осигурува и зајакнува безбедноста на Гренланд, Данска и САД. Договорот ги уважува интересите на Гренланд и нашето место во меѓународната соработка. Тој е во интерес на сите нас“, изјави тој.
Досега не е објавен текст на договорот. Еден функционер на Стејт департментот рече дека одредбите ќе останат во сила и доколку Гренланд во иднина стане независна држава и посочи дека „Според договорот, САД ќе имаат право еднострано да градат дополнителни воени објекти, без потреба од одобрение од Гренланд или Данска. Договорот вклучува права за траен пристап, стационирање и прелети“, изјави тој.
САД веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во својата база Питуфик на северозападниот крај на територијата. Американскиот државен секретар Марко Рубио го опиша договорот како историски и „огромна победа за САД“.
Фото: ДПА)


