САД за првпат потврдија дека распоредиле оружје во Земјината орбита
Вашингтон официјално призна офанзивни вселенски капацитети, но не даде технички детали или временска рамка.

САД за првпат јавно потврдија дека распоредиле оружје во Земјината орбита, официјално признавајќи дека Вашингтон располага со офанзивни капацитети во вселената.
Секретарот на американските воздухопловни сили, Трој Меинк, на конференција за воздух, вселена и сајбер-простор изјави дека оружјето лоцирано во орбитата е неопходно за заштита на американските сили од „закани што еволуираат“, но не даде детали за можностите на оружјето ниту за тоа кога е поставено во орбитата.
Договори, опасности и нови способности
Со договорот од 1967 година беше забрането распоредување оружје за масовно уништување во орбитата. Оттогаш клучните сили, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, бараат други начини надвор од опсегот на тој договор, особено насочени мерки против сателитите на ривалите — кои се клучни за воените комуникации, надзор и навигација.
Вселенските сили на САД, најновиот огранок на американската војска формиран во 2019 година, беа создадени за заштита на американските капацитети во вселената, вклучително стотици сателити што се користат за комуникација и надзор.
Портпарол на Вселенските сили изјави: „контролата на вселената ги опфаќа мисиските области неопходни за оспорување и контрола на вселенскиот домен, преку употреба на кинетички и некинетички средства за влијание врз способностите на противникот преку попречување, деградирање, па дури и уништување, доколку е потребно. Овие способности можат да се користат за офанзивни и дефанзивни цели, по налог на борбените команди.“
Американските службеници ја посочуваат руската и кинеската програма за развој на начини за напад и онеспособување на американските сателити. На почетокот на февруари беше обелоденето дека два руски сателити веројатно пресретнале комуникации на најмалку десетина европски сателити по руската инвазија на Украина во 2022 година. Во 2024 година САД соопштија дека Русија лансирала сателит за кој се верува дека можеби е способен да напаѓа други такви летала.
Администрацијата порано промовираше и проекти за вселенски одбранбени капацитети, вклучувајќи пресретнувачки ракети и предлозите за одбранбена шема означувана како „Златна купола“. Официјалните лица велат дека присуството на оружје во орбитата е наменето да ги отпрати напadите врз американските сателити и да го зачува функционирањето на вселенските системи кои се основа на современото војување.
Фото: Илустрација


