СДСМ: Ако Савески не постапи за „Алта банка“, ќе стане соучесник на Мицкоски и Славески
Партјата вели дека 20 дена по скандалот и една недела по пријавата, јавниот обвинител молчи и ризикува уништување на докази.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го повика државниот јавен обвинител Ненад Савески да постапи брзо и независно по случајот „Алта банка“, предупредувајќи дека доколку продолжи молкот тој ќе стане соучесник на премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
На прес-конференција од седиштето на партијата членот на Извршниот одбор Јон Фрчкоски истакна дека „Поминаа 20 дена откако пукна скандалот со Алта банка во Македонија. Помина и цела недела откако СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други одговорни лица. А од јавниот обвинител Ненад Савески – молк“ и побара јавно да се соопшти дали Јавниот обвинител воопшто отвори истрага.
Од партијата нагласија дека граѓаните не можат да дојдат до своите пари, пензионерите не можат да ги подигнат пензиите, а јавноста нема информација дали и какви чекори преземаат надлежните органи. Фрчкоски праша дали на распит се повикани гувернерот Славески и премиерот Мицкоски и побара документи за дадената согласност и проверени трансакции и сметки.
Сомнежи во постапката за продажба и спореден пример од Србија
Како контраст, Фрчкоски ја посочи постапката во Србија: "Во Србија на големо се постапува. Отворена е истрага. На банката ѝ е одземена дозволата и таа е во стечај. Сопственикот Мацура е уапсен, се истражуваат речиси 400 милиони евра. Од вчера се блокирани и сметките на неговата 'Алта груп', а 'Алта лизинг' остана без дозвола за работа. Само во Македонија сè уште чекаме и ништо не се презема".
Фрчкоски изрази сомнеж дека најавата за брза продажба преку аукција може да служи за вештачко намалување на цената доколку нема заинтересирани купувачи, при што секоја следна аукција би почнувала со 10 проценти помала почетна цена отколку претходната.
Народната банка објави дека на Македонската берза ќе се продава доминантниот пакет од 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции што се во сопственост на белградската Алта банка. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година со почетна цена од 3.777 денари по акција. Ако не се продадат, следните аукции се закажани за 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година, при што на секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на претходната. Инвеститорите требаше најдоцна до 19 ноември 2026 година да достават барање за претходна согласност и писмена изјава за уплата на потребните средства.
На прашање за постапката, државниот јавен обвинител Ненад Савески одговори на 16 ноември: "Сега засега не можеме да зборуваме. Нè ограничува законот". Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, во интервју на МРТ 1 изјави дека Обвинителството врши прелиминарни проверки на индиции за финансиски текови поврзани со Алта банка, но дека тие се во многу рана фаза и дека за одредени одлуки не е оформен предмет.
СДСМ побара од Савески јавно да потврди дека ќе постапува независно и согласно законот, предупредувајќи дека одложувањето дава можност да се уништат докази. "Ако Мицкоски му врши притисок, по телефон или на кој било друг начин, Савески нека го каже тоа јавно и нека го одбие. Времето одминува, доколку Савески не постапи ќе стане соучесник, тоа мора да му биде јасно", порачаа од партијата.
Фото: СДСМ


