СДСМ бара разрешување во ПИОМ поради долг од над 50 милиони евра
Опозицијата во Собранието тврди дека над 50 милиони евра не биле префрлени во вториот пензиски столб за над 600.000 граѓани и бара одговорност од раководството на Фондот.

Продолжија пратеничките прашања во Собранието откако минатата недела седницата беше прекината. На денешната расправа се отворија низа теми, но најжешките прашања — Алта банка и Кривичниот законик — останаа надвор од дебатата.
Социјалдемократите први ја поставија темата за пензискиот систем и парите на над шестотини илјади граѓани. Тие алармираат дека над педесет милиони евра не се префрлени во вториот пензиски столб и побараа одговорност од раководството на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Барање за разрешување во Фондот за пензиско
Јован Митрески — пратеник од СДСМ, директно се обрати до претставниците на власта: „На директорот на Фондот за пензиско, приоритет може да му биде се друго или да исплаќа фактури, тендери и така натака ама да не го почитува ова што му е законска обврска. Дали ќе покренете иницијатива за разрешување на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на неговиот заменик?“
Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади, рече дека долгот е создаден многу порано. „Во тоа време не е сегашниот директор којшто е денеска, бил некој друг. Тие средства што ги читате, долгот е створен многу претходно. Владата го именува, тоа е по Законот за државните служби, Владата треба да биде таа којашто е одговорна да го разреши. Јас ингеренции за разрешување на директорот на пензиско немам,“ изјави Велковски.
Пратениците од Левица побараа државната онлајн-платформа за игри на среќа да се укине и бараа разрешување на директорот на Државна лотарија, Климовски. „Патем и овој нов Закон за игри на среќа кој го донесе Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше пролонгиран да стапи на сила дури во 2028 година со што се остави простор од уште добри две години за коцкарското лоби да профитира од оваа деструктивна дејност којашто уништува цели семејства,“ рече Јована Мојсоска, пратеничка од Левица.
Александар Николoски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт, истакна дека од 1 јануари единствен којшто ќе може да приредува онлајн игри на среќа ќе е државата, односно Државна лотарија, со само еден правен субјект којшто ќе може тоа да го прави.
Од СДСМ побараа и рокови и финансиски податоци за доцнењето на изградбата на регионалните центри за управување со отпад и предупредија за ризикот од губење европски средства; министерот за животна средина презентираше информација за текот на проектите. ДУИ обвини за селективно ретроактивно оданочување на оние кои работеле во воените бази во странство, а министерката за финансии одговори дека данокот не познава етничка припадност.
Фото: прес-материјал од настанот


