СДСМ: Дата центрите ќе ја оптоварат водата и струјата, партијата ги обвинува Мицкоски и ВМРО – ОКГ за туркање проекти за профит
СДСМ бара мораториум на комерцијалните дата центри со водно интензивни системи за ладење, повикувајќи се на сушата во Европа, ризикот од недостиг на струја и загадените води во земјата.

Објавено: 08 Август, 2026 13:28
СДСМ предупреди дека плановите за изградба на комерцијални дата центри во земјава ја ставаат под ризик веќе кревката состојба со вода и електрична енергија и дека проектите ќе донесат користi на блиските до Христијан Мицкоски и ВМРО – ОКГ, додека граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки.
Партијата во соопштението ја постави состојбата во поширок европски контекст: сушата, намалените водостојби и пресушувањето на реки, вклучително и ниските нивоа на Дунав, веќе го нарушуваат производството на струја во делови од Европа и создаваат висок ризик од недостаток на електрична енергија и значително покачување на цените. Македонија повеќе увезува струја отколку што произведува, а во над 50 населени места граѓаните се соочуваат со загадена вода, се вели во соопштението.
Потрошувачка, екологија и економија
Во соопштението се посочува дека овие објекти трошат огромни количини струја и чиста вода, додека економскиот бенефит во однос на нови работни места и даночни приходи е минимален. Наведено е дека „Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители.”
СДСМ предупредува дека инфраструктурата не може да го издржи дополнителниот товар и дека постои ризик од рестрикции за вода и поскапување на струјата. Партијата поставува и прашања за влијанието на системите за ладење: која вода би се користела, дали ќе се испушта затоплена вода во реките и какво ќе биде влијанието врз биодиверзитетот.
Во соопштението партијата директно го критикува раководството: "Водата и струјата не може да бидат скапа авантура која ќе ги збогати блиските до Мицкоски и ВМРО – ОКГ на штета на граѓаните." И додава: "СДСМ не е против дигитализациа. Дигитализацијата не значи само да се изгради дата-центар. Таа значи функционални електронски услуги, поврзани институции, помалку бирократија и држава која работи побрзо и поефикасно за граѓаните."
СДСМ побара мораториум за изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода и повика на преиспитување на проектите кои, според нив, би ги зголемиле трошоците за граѓаните и би го загрозиле животната средина.
Фото: прес-материјал од настанот